„Неочекувано сензационално“, е првиот впечаток што ни го пренесоа нашите ‘репортери’ Ева Петковска и Мишо Стојановски (нивни се и фотографиите употребени во текстов), од вчера отворената изложба на Чак Клоус (Chuck Close) во Музејот на уметноста на градот Равена (Museo d’arte della città di Ravenna – MAR).

Очигледно, нивната прва блиска средба со дела на уметникот прославен со неговите масивни, преувеличени портрети, сликани врз база на фотографии, ја доживеале како и децении претходно познатиот американски уметник Алекс Кац (Alex Katz), кој првата изложба на Чак Клоус ја опишува како „една од најсензационалните“ што кога и да е ги видел, во документарецот „Чак Клоус: Портрет во тек“ (Chuck Close: A Portrait in Progress (1998)).

Отворањето на изложбата во Равена, „Чак Клоус, Мозаици“ (5 октомври 2019 – 12 јануари 2020), што е централна на шестото Биенале на современ мозаик, RavennaMosaico, секако предизвикало голем интерес = премногу луѓе, но, како што ни раскажаа Ева и Мишо, нивната ненаметлива желба да се сретнат со славниот уметник, дотичниот (кој бил на отворањето) ја забележал, и лично ги повикал да се запознаат.

(Од лево кон десно) Мила Добревска, Ева Петковска, Мишо Стојановски и Аница Китаноска … со Чак Клоус

А неговата уметност во MAR ја запознале преку нова серија мозаици (нормално; се работи за Равена, светскиот центар на мозаична уметност : ), како и поврзани дела – принтови, таписерии, фотографии …

Нашите Петковска и Стојановски останале вчудовидени од врвно-мајсторската употреба на бојата/текстурите на плочките од кои Клоус ги составувал мозаиците добивајќи го неговиот познат фотореалистичен ефект, особено во делот на приказите на влакната (од коса и брада). Ова убаво го фатиле и со нивниот објектив.

Чак Клоус е еден од најважните претставници на хиперреализмот во сликарството во седумдесеттите години од минатиот век, познат по сликањето портрети базирано на фотографии, со минуциозна техника и илузионистичка моделација.

Како просопагнозичар (просопагнозија – нарушена способност за препознавање лица), Клоус сликањето портрети го користи и за автотерапевтски цели, истовремено во концептуалниот дел извлекувајќи редица нишки: најактуелната, дека живееме во „Facebook време“, меѓусебно комуницирајќи преку селфија на социјалните мрежи, за што ни помага и вештачката интелигенција која автоматски препознава ‘фаци’; потоа посочувајќи и на ‘слепилото’ на општеството во однос на одредена популација, поради нашата перцепција на луѓето која главно ги препознава „по облеката“ …

„Мислам дека секогаш сум им бил наклонет на портретите зашто цел живот имам сериозен проблем со препознавањето лица. Го паметам само она што е дводимензионално, подобро од она што е стварно; во реалниот живот лицата се живи, се менуваат, а јас тоа не сум во состојба да го зачувам во својата меморија. Сликам само пријатели и членови на семејството и луѓе кои ми се блиски, токму за на тој начин внимателно да ги истражам и запаметам лицата на оние луѓе кои се важни за мене“, е изјава на Клоус.

Неговите први детски обиди во сликарството ги прекинало, односно конечно определило првото искуство со слика на Џексон Полок (Клоус тогаш бил на 14-годишна возраст), кога прво се прашал „како може ова да се смета за уметност?“, за веќе после неколку дена и самиот да почне да ‘фрла’ боја врз неговото дотогашно фигуративно, репрезентативно сликање. Како што самиот вели, најмногу научил од Вилем де Кунинг, кого манијакално го копирал; дотолку што потоа му требале години за да го исчисти својот израз од влијанието на големиот холандско-американски апстрактен експресионист. Во 1988, на сега 79-годишниот Клоус, му се случил „настанот“, како што самиот го нарекува инфарктот по кој останал парализиран од вратот надолу, но, по повеќемесечната рехабилитација доволно му се повратила способноста на мускулите за да може и денес да слика, со своја рака и со помош на асистенти.

Уживајте во галеријата …

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here