Пишува Александра Ристески

Ако за некого може да се каже „или ја обожувате или ја мразите“, Анџелина Џоли е сигурно една од нив.

Се сеќавам, првпат ја гледав во 2000-та година, во „Неприлагодена девојка“ (Girl, Interrupted), јас, тазе породена мајка, која истовремено полага испити на Економскиот факултет, и на тој начин функционира на некоја алтернативна енергија. Одеднаш на екранот ме заплисна неверојатно моќното либидо на девојка со портокалова коса со шишки до половина чело (а-ла Пипи долгиот чорап) – фризура која секоја друга би ја претворила во Плашилото од Волшебникот од ОЗ; имиџ кој беше поразен пред (според Клинт Иствуд и половина свет) „најубавото лице на планетата“. Коментарот ми беше: „Вау, каков дух има девојкава“. Морам да признаам, дека имав a real girl crush on her. Претпоставувате, за улогата доби бројни награди, меѓу кои и Оскар.

Родена во ‘кралско’ семејство на Холивуд, 1975-тата, како ќерка на Џон Војт и Маршелин Бертран, била дарувана со совршено избалансирани словенски, германски и француски гени. Силното либидо, натпросечната интелигенција и комодитетот кој ја опкружува, во тинејџерските години и раната младост се пречка за да го скроти својот немирен дух и долго време слови за размазеното детиште на Холивуд. Согласно, имиџот ѝ е даркерски, нескротлив, преовладува црната боја, материјалите од кожа и латекс; бројни тетоважи, блед тен, долга, дива коса, заводлив сјај и силно црвени усни. Во овој период, Анџелина Џоли, најдобро го олицетворува стилот на Вампир.

„Кога другите девојчиња сакаа да бидат балерини, јас сакав да бидам вампир“ (Анџелина Џоли)

Сѐ се менува при првиот допир со духовност, кога го снима „Лара Крофт: Томб Рајдер“ (Lara Croft: Tomb Raider) во 2001 во Камбоџа, и решава да го посвои синот Медокс (Maddox). Согласно промените во приватниот живот, имиџот ѝ станува поженствен, помек, и иако ја задржува како примарна омилената црна боја и неутралните тонови, овојпат тие се во функција на претставување избалансираност, зрелост и емотивна исполнетост.

Во секојдневието, Џоли практикува едноставна елеганција. Добро го знае правилото (применувано од нејзината претходничка Брижит Бардо) дека „помалку е повеќе“, кое посебно важи за доминантна убавина како нејзината, при која не треба да одвлечете внимание со облеката или накитот. Истото важи и за фризурата и шминката, и не можеме да не приметиме, дека и тука, научила неколку правила од ББ, но за тоа, во некоја наредна статија.

Истовремено, нејзината облека е и практична. Знам дека повеќето жени не би ги соблекле омилените штикли ниту кога одат на пазар, но кога сте мајка и жонглирате помеѓу бројните обврски, тоа едноставно е невозможно.

Балетанките, мокасинките и рамните сандали, тогаш стануваат најдобриот пријател на жената. Џоли, веќе со години им е верна на црните и неутралните (nude боја).

Лекција која ја потврдува и Џоли, е дека секоја пригода бара соодветна облека. Кога сте на работно место или извршувате некоја официјална функција, прилагодете ја и облеката. Не е ни најмалку симпатично на работното место да се појавите со гол стомак, отворени сандали или патики.

Анџелина Џоли е амбасадор на добрата воља на УНХЦР од 2001 година, а од 2012 специјален претставник
Во 2014, Џоли во Бакингeмската палата е почесно прогласена за Дама од страна на кралицата Елизабета Втора

Сосема друга е приказната, кога станува збор за свечени пригоди, за претставување на црвениот тепих. Тогаш Џоли успева да ни го врати гламурот на стариот Холивуд и секогаш ја наоѓа најсоодветната тоалета за пригодата, од која застанува здивот. „Таа е поезија во движење, совршена убавина … истовремено многу длабока, многу паметна“, ќе изјави за неа Џони Деп по снимањето на заедничкиот филм „Турист“, во 2010-та.

„She’s kind of a walking poem, she’s this perfect beauty … but at the same time very deep, very smart” (Johnny Depp)

За овие прилики, од Џоли може да се научи лекцијата, како да бидете провокативни, без да бидете вулгарни, имајќи го предвид, пред сѐ, долгиот, транспарентен, „гол“ фустан, кој во движење е толку грациозен, нежен, прозрачен, што го дава ефектот на еднорог.

Повремено, повторно ќе се појави во кожни пантолони, потсетувајќи нѐ на нејзините Вампир-стил денови, како да порачува: „Сѐ уште сум онаа дива девојка, само сега тоа е под моја контрола.“

„There’s certainly a side of me that isn’t completely … sane. Or completely ‘even’ all the time. We all have our dark sides” (Angelina Jolie)

За крај, ќе го повториме она што паметните луѓе отсекогаш го знаат: Не се обидувајте да бидете некој друг, пронајдете се себе и не се плашете да бидете различни, чудни, неприфатени; застанете цврсто зад своето вистинско Јас – само така ќе го извлечете од себе максимумот.

„Different is good. So don’t fit in, don’t stand still, don’t ever try to be less than what you are” (Angelina Jolie)

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here