Ако сте таков фан на „Војната на ѕвездите“ што од април не ви престанува возбудата од тизер-трејлерот за „Враќањето на Скајвокер“ (The Rise Of Skywalker), во август засилена со „специјалниот поглед“ на последниот филм (и на „темната страна“ на Реј?!) од новата Star Wars трилогија, време е да се подуспокоите додека ја чекате премиерата закажана за 20 декември, со еден нов, смирувачки трејлер ‘на фреквенцијата’.

Ова особено важи ако сте љубител на готвењето. Зашто новата соработка на Star Wars и францускиот производител на премиум садови за готвење, Le Creuset, „ја носи епската авантура во вашата кујна“.

Извонредните резултати од соработката ќе бидат достапни од 1 ноември (во продавниците на Le Creuset и онлајн, на веб-сајтот на производителот), од кога ќе може да се готви во тава со Хан Соло замрзнат во карбонит, тенџериња/тенџерчиња/кујнски прибор на тема Дарт Вејдер, R2-D2, C-3PO, BB-8, Millennium Falcon, Death Star …

На Le Creuset ова не им е прва соработка со Disney, но од досегашните имало само по еден производ (на тема Снежана, Убавицата и ѕверот, Мики Маус), додека сега на Французите им било јасно дека претставувањето на една цела галаксија не може да помине без колекција.

Цените за кујнските садови од Star Wars x Le Creuset Collection („Двете безвременски класики кои донесуваат една нова епска авантура во вашата кујна“) се од 20-30 долари за помалите предмети, до 395-450 за поголемите тенџериња.

Секако, на нивото на репутацијата и на двата бренда е и квалитетот на садовите, минуциозно повеќеслојно емајлирани, чиј квалитет е рачно проверен пред испорачувањето од оригиналната фабрика во Франција.

Во трејлерот не е вклучено тенџерето кое „со гордост го претставува Le Creuset“, посветено на родната планета на Анакин и Лук Скајвокер, Татуин. Истото е рачно боено/сликано, под инспирација на пустинската планета со „волшебни бинарни залези“, и од него се произведени само девет парчиња, кои чинат по 900 долари.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here