Резервираните во однос на апстрактната уметност знаат да кажат дека зад ‘фразата’ „чисти ликовни вредности, ослободени од барањето репер во предметната стварност, кои го покажуваат она што се има ‘внатре’“, често се кријат ‘бездари’ или квазиуметници. А буквална „потврда“ дека апстракциите неретко се „мајмунлаци“, сигурно ќе најдат во делата на шимпанзото Конго (1954–1964), кое откако научило да црта/слика на 2-годишна возраст, под „менторство“ на зоологот Дезмонд Морис (кој и самиот е сликар надреалист), во наредните три години нацртало/насликало над 400 дела, стилски опишани како „лирски апстрактен експресионизам“.

Во декември, во лондонската Mayor Gallery, со 55 слики и цртежи ќе биде отворена досега најголемата изложба на уметникот шимпанзо, „Шимпанзото Конго: Раѓањето на уметноста“ (3-19 декември 2019), чие дело, наводно, и Пикасо имал закачено во своето ателје.
Колекцијата што ќе биде изложена му припаѓа на споменатиот Дезмонд Морис, кој првпат во 1956 му ставил молив во раката на Конго, додека ја истражувал креативноста на човеколиките мајмуни. А дека Конго не е ‘случаен’, покажува податокот оти зоологот работел со повеќе шимпанза во тоа време, но ниту едно од нив немало способности како конгоовите.
„Ниту еден од човеколиките мајмуни со кои работев не го контролираше гестуралниот ‘јазик’ и менувањето на обрасците како него. Првично го избрав Конго како еден од најбучните во зоолошката градина, чувствувајќи дека неговата силна личност ќе реагира добро на фокусираните периоди на заедничка работа“, е изјава на Морис.

Последниот во тек на истражувањето забележал дека Конго покажува способност за симетричка конзистентност во однос на двете страни на цртежот; односно, кога Морис ќе нацртал некој облик на едната страна од парче хартија, Конго ја балансирал структурата со свој елемент на другата половина. Ако зоологот му го земел цртежот за кој шимпанзото чувствувало дека уште не му е завршен, Конго негодувал врескајќи; и обратно, ако сметал дека цртежот е завршен, одбивал да работи понатаму на истиот, и покрај упорните убедувања од страна на Морис.
И она што почнало како чкртаници, набрзо прераснало во изградени композиции што покажувале формална логика без да имаат очигледна аналогија во реалниот свет.

Наодите на Морис се собрани во неговата книга бестселер од 1967, „Голиот човеколик мајмун: Зоолошка студија на човечкото животно“ (The Naked Ape: A Zoologist’s Study of the Human Animal), а Конго починал од туберкулоза во 1964, на 10-годишна возраст.
„Сега би сакал сликите и цртежите да бидат достапни за други колекционери, кои, се надевам, ќе уживаат во нив колку што уживам јас“, е коментарот на Морис на одлуката да се раздели од дел од својата колекција.
Дела на Конго и во 2005 се појавиле во Mayor Gallery, на заедничка изложба „Човеколики мајмуни уметници од педесеттите“ (со уште двајца примати), откако претходно истата година три негови слики се продале за нешто над 25 илјади долари на аукција на Bonhams, надминувајќи ги проценките на аукциската куќа за 20 пати.
Сега, на декемвриската продажна изложба, цртежите и сликите на Конго ќе бидат понудени по цени од 1.800 до 7.400 долари.
