Кога во њујоршкиот Квинс музеј (Queens Museum) дознале дека во тек е патувачка изложба низ Америка посветена на Руб Голдберг (Rube Goldberg), веднаш одлучиле оти мора да бидат станица на истата, како институција во чија постојана поставка е и Панорамата на Њујорк (архитектонски модел расположен на 867 квадратни метри, а изграден за Светскиот саем од 1964), градот од кој блеснала славата на големиот карикатурист/стрипаџија. Секако, од оваа позиција, тие не сакале да бидат само една од станиците, туку и конечна одредница на нешто посебно; а што би било тоа ако не проект поврзан со она за што Голдберг е синоним – апсурдно комплицирани уреди за извршување многу едноставни работи.

Така, во Квинс музејот одлучиле да ја проверат на дело функционалноста на ‘лудите’ голдбергови машини, за што ја ангажирале дизајнерската фирма Partner & Partners, помогната од дизајнерите Грег Михалко, Стефан вон Мулен и Бен Коен. Резултатот е мултимедијална креација наречена „Машина за претставување изложба“, која функционира мешајќи видео анимации со вистинска верижна механичка реакција, а е пуштена во употреба на 6 октомври (посетителите ќе може да ја пробаат до 9 февруари догодина). Со притисок на зелено копче, на екран полетува анимирана птица, активирајќи вентилатор што дува во вртелешка, која го стартува моторот на бротче, кое удира во прскалка … додека на крајот, едноставно, не се појави банер за изложбата.

„Машината за претставување изложба“ во Квинс музејот

Самата, пак, патувачка изложба, наречена „Уметноста на Руб Голдберг“, тргнала уште во 2017, и е прва голема ретроспектива на карикатуристот (иноватор, инженер, скулптор) после 1970 година (кога починал), и ја опфаќа неговата цела, 72-годишна кариера.

Голдберг, роден во 1883, станал инженер на Универзитетот на Калифорнија, Беркли, но после краток период на проектирање водоводни и канализациски мрежи во градската управа на родниот му Сан Франциско, ја баталил инженерската работа за да илустрира локален спортски весник. Во 1907 се преселил во Њујорк, каде во следните години почнал да ги црта и своите популарни стрипови како „Boob McNutt” и „Lala Palooza“, но вистински ѕвезден статус му донела стрип-серијата „The Inventions of Professor Lucifer Gorgonzola Butts“, во која ги илустрира споменатите многу комплицирани методи за да се направат едноставни работи, често вклучувајќи бротчиња, федери, ракети, птици, разни садови и многу жици.

„Автоматски уред за самоубиство за несреќни берзански шпекуланти“

Овие негови дизајни/дијаграми биле толку популарни, што веќе во 1931, во речник на Меријам-Вебстер, е вклучен „Руб Голдберг“ како придавка што значи „остварување на комплексен начин на она што навидум може едноставно да се направи“.

И додека неговите изуми помалку-повеќе биле сфаќани како занимација за читателите, Голдберг, длабоко-мислечкиот карикатурист (кој во 1948 бил добитник и на Пулицеровата награда за политичка карикатура), ги сметал за „симбол на човечкиот капацитет да вложува максимален напор за да постигне минимални резултати“.

„Денешниот мир“ (Peace Today), награден со Пулицер во 1948

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here