Утре (петок – 11 октомври) излегува желно исчекуваниот од фановите на „Брејкинг бед“, „Ел Камино“, филмот во кој продолжува култната серија. Веројатно ‘најзакоравените’ поклоници, не сакајќи да ја дочекаат премиерата само со сеќавања на незаборавната серија што заврши во 2013, одново ги одгледале сите пет сезони. А за останатите нема подобра подготовка од сумирањето на случувањата во „Брејкинг бед“, што вчера, за само 2 минути и 43 секунди, во шоуто на Џими Кимел, извонредно го направи лично Џеси Пинкмен (Арон Пол), главниот протагонист во „Ел Камино“ (при можно отсуство на Волтер Вајт „Хајзенберг“ (Брајан Кренстон) – креаторот Винс Гилиган до крај ја остави дилемата; меѓу актерите со улоги во филмот официјално го нема Кренстон, а го нема ниту во трејлерот).

Како и да е, во сочната рекапитулација на Пол Арон најчесто споменувани зборови, и тоа едноподруго, се „наука“ (секако, во контекст на (ал)хемичарот на совршениот „мет“ … и на што не друго … Волтер) и „кучка“ (‘копирајтот’ на Пинкмен), како објаснување за неверојатните подвизи на тандемот, во кои двајцата придонесуваа според своите ‘таленти’.

Арон деновиве ги разочара фановите кога во интервју за „Гардијан“ порача дека треба „да се откажеме од сонот“ оти после „Ел Камино“, ќе продолжи и серијата „Брејкинг бед“, но во филмот барем ќе се дознае што се случило со неговиот лик, Џеси Пинкмен; а неспорно Гилиган ќе ни направи синеастички ќеиф, ‘патем’ осврнувајќи се и на другите поводи за љубопитност што ни останаа по финалето на серијата.

Како што најавува трејлерот, ќе го следиме „патот“ (превод од шпанското „El camino“) што за Џеси почнува на крајот од последната епизода на „Брејкинг бед“, кога ја напушта сцената по масакрот на Аријанското братство, во модел на Шевролет со истото име, „Ел Камино“.

„Бегалецот Џеси Пинкмен се обидува да го ‘претрка’ своето минато“, стои во кратката најава на „Нетфликс“, каде утре ќе осамне премиерата.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here