Пишува Александра Ристески

Последната епизода, „Ова не е за солзи“ (This is not for tears), од „Следоред“ (како што HBO за Македонија го преведува името на серијата „Succession“), со шекспировската тежина на пресвртот, го зацврсти епитетот: најдобра серија годинава (во својата втора сезона).

Да се вратам малку на почетокот. Логан Рој, предводникот на глобалната супер-моќна компанија, се наоѓа во фаза од животот кога треба да одреди наследник од своите 4 деца:

-најстариот, Конор, од почеток е елиминиран, како незаинтересиран да седне на босовската фотелја, односно „окупиран“ во други сфери;

-вториот, Кендал, татко му на почетокот прерано го поставува за извршен директор, и тогаш излегуваат сите негови фрустрации и детски амбиции да биде ‘големиот’ шеф; па истите ги манифестира со дрскост и ароганција, и оди дотаму што во еден момент мисли дека е спремен да се сврти и против татка си. Секако, вистински големиот Логан ја решава ситуацијата, покажувајќи му на Кендал каде му е местото;

-симпатичниот Роман, за кој првиот впечаток е дека е незрело момче, кое сака секоја ситуација да ја сврти кон хумор;

-и единствената ќерка Шив, миленичката на таткото.

Првичниот впечаток е дека мудриот, приземјен и рационален Логан, нема достоен наследник, и оти единственото за што се грижел целиот свој живот е компанијата и нејзината моќ, правејќи пропусти во воспитувањето на децата; па така и неговите наследници остануваат зачудени кога во една пригода изјавува: „Сѐ што правев, правев за моите деца“.

Но, серијата, потоа многу суптилно нѐ води низ трансформацијата на децата и како мудриот Логан ги хендла нивните слабости, истовремено калејќи ги нивните силни страни.

Од последниот самит …

Така, Кендал се оформува во ‘безгрешен’, интелигентен, фокусиран егзекутор.

Роман ја дообликува својата рационална и природно-аналитична способност, на добивање секогаш најобјективна претстава за ситуациите; како и во случајот на неговиот последен испит, со азербејџанските бизнисмени, кои ќе го држат во заложништво.

Шив, во даден момент (најмногу преку соочувањето со ‘реалитетите’ на нејзиниот брак со Том и одбивањето на татко ѝ да ја постави за ЦЕО), сфаќа дека неприфаќањето на своето место под сонцето (односно, немањето реална претстава за себе – „Мисли дека е попаметна од што е“ – Реа), е состојба која никого не може да направи вистински среќен. Не е родена за позицијата извршен директор – нејзина најсилна страна е покажувањето емпатија и на тој начин извлекување договор со ‘особено чувствителни’ стран(к)и.

„Дали некогаш си мислел дека би можел да бидам ЦЕО?“, го прашува Кендал татка си во една од клучните сцени од финалето.

„Не си убиец. Мора да бидеш убиец“, му одговара Логан.

Последната епизода го докажа и тоа: Кендал дефинитивно созреа, и се изгради во личност која не е само егзекутор, туку и достоен да ја води империјата; па ако цената е и за таа цел да го предаде сопствениот татко.

Но, задоволната (иако одвај забележлива) насмевка на Логан (главната индикација за тоа што всушност се случи), ни (п)остави бројни прашања, кои со нетрпение очекуваме да бидат одговорени во третата сезона.

Она што насмевката ни го потврди е дека Логан знаеше оти за скандалот со сексуални злоставувања и убиства на млади девојки во неговата фирма (одделот „крстарења“), иако самиот не е виновен, ниту беше претходно запознаен, мораше да приложи крвна жртва; за да го испере образот на компанијата, која во спротивно би пропаднала со падот на довербата на акционерите во актуелното раководство:

-Логан знаше дека крвната жртва ќе биде тој лично, а не најавениот, невин жртвуван, син Кендал;

-на истото конто оди и простувањето со неговата сопруга Марша, направено во стилот: „Знаеш дека морам да го направам ова, со мене си, ми веруваш?“;

-кога акционерите бараат тој да биде жртвата, не реагира (како вообичаено) со агресија, туку смирено одговара дека ќе размисли;

-пораката до Кендал: „Мора да бидеш убиец“, со која го ‘пали’, го спрема за наследник;

-пред конференцијата на Кендал му испраќа порака „те гледам“, која во случајов не може да биде закана, зашто од него се бара доброволно да се жртвува. „Те гледам“ е или чкрапало за последно будење на убиствениот инстинкт на Кендал, или ако е точно моето храбро предвидување, дека се работи за договорено сценарио помеѓу нив двајцата – „те гледам“, значи: со тебе сум, оди до крај, нема предомислување.

Кендаловото станување ‘убиец’, во живо, на телевизија

Пресвртот обезбеди опстанок на компанијата „РОЈ“ (акционерите и јавноста се задоволни дека некој понел одговорност, се елиминирало ‘скапаното’ во фирмата, и сега доаѓаат младите, ветувачки сили). Дали Логан под ‘соодветен’ притисок го натера својот второроден да стане наследник или тоа беше договорено сценарио меѓу двајцата, ќе откриеме во следната сезона.

Главната лекција на која Логан мораше да ги научи своите наследници е: компанијата не постои за лични амбиции, лечење лични фрустрации, глумење големи шефови. Компанијата е семејството Рој и нејзиното опстојување е прашање на опстојување на семејството. На крајот, Логан, испаѓа дека навистина сѐ што правел, правел за своите деца.

Серијата освен што ќе ви пружи супер забава, софистициран хумор, одлично сценарио со интелигентни дијалози, уживање во одличниот стајлинг на главните ликови, генијална глума, и … финале над финалињата, е вистинска ‘посластица’ во понудата серии во 2019.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here