Леонардо ди Каприо нѐ воодушеви отелотворувајќи ги актерите чија кариера пропаѓала/пропаднала заедно со „златната ера“ на Холивуд, во последното маестрално остварување на Квентин Тарантино. Веројатно оттука му дошла инспирацијата на родениот во Швајцарија, њујоршки уметник Урс Фишер, за скулптурата што е предмет на изложбата „Лео“, во една од париските „Гагосјан“ галерии. Не може да се исклучи дека влијаел и ангажманот на славниот актер за зголемување на свесноста за уште едно, многу поголемо и поважно пропаѓање, поврзано со глобалното затоплување; од кое во случајов најдиректната инспирација би дошла од рекордната брзина со која се топат светските глечери.

Урс Фишер во своето творештво често се осврнува на историските жанрови/мотиви во уметноста, со самосвест и хумор во кој огорчено, но сепак „се смее“ на човечките маки. Во неговите дела, процесите на материјалното, поврзани со креацијата/создавањето и пропаѓањето/уништувањето, ги истражува употребувајќи непостојани материјали, како во „Куќата од леб“ (Bread House; 2004–2005); колибата во природна големина, изградена, јасно, од леб. Но, најилустративен пример за оваа врска меѓу постојаноста и нејзиниот опозит се неговите скулптури свеќи, кои почнал да ги прави во раните двеилјадити, со серија грубо моделирани женски актови; како во инсталацијата „Што ако заѕвони телефонот?“ (What if the phone rings; 2003), во која женските тела/нивната убавина, горат/се топат; претворајќи се преку пивтиеста маса во локва восок.

„Даша“, 2018

Во кариерата на Урс Фишер следи серија реалистични портрети-свеќи, како скулптурата во природна големина на колекционерката на уметност, Даша Жукова, која со недели горела/се топела во една од лондонските „Гагосјан“ галерии.

Неговиот нов (во случајов групен) портрет-свеќа, „Лео (Џорџ & Ирмелин)“ (Leo (George & Irmelin ;2019), го прикажува Леонардо Ди Каприо со неговите родители. Семејството е ‘фатено’ во акција – таткото разговара со синот, кој е во прегратка на мајка си.

И овојпат, како што пишуваат од „Гагосјан“ во својот приказ, „Лео (Џорџ и Ирмелин) ќе се топат бавно во тек на изложбата (14 октомври – 20 декември), и композицијата ќе се претвори во она што го диктираат неумоливите закони на физиката“. Јасно, идејата е да им се даде медитативна димензија на портретите; да се ‘фати’ минувањето на времето, во духот на memento mori, што слободно ќе го преведеме како мудрост содржана во свеста за сопствената смртност.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here