И самиот сум меѓу не малиот број луѓе што ги познавам, а кои пред да го запознаат Марјан Костадиновски – Мац, немале поим дека во светот на пивото одвај ѕиркале низ малото „лагер“ прозорче, и дебатирале дали е најдобро „Хајнекен“, „Амстел“ или „Туборг“, вртејќи се во круг со плус уште неколку познати ‘конфекциски’ пива.

Кај Мац, додека работеше неговата пивотека во Тафталиџе ( ‘кај млечен’), првпат сфатив дека богатството, комплексноста на искуството од консумирањето врвни пива, по ништо не заостанува зад истенченоста на уживањето во најдобрите вина. Таму ги пробав и се вљубив во речиси сите ‘траписти’, вклучително и легендарниот „Westvleteren 12“ …

Марјан Костадиновски оттогаш не престана да работи на оваа ‘кауза’, и моментално, покрај останатото, го води порталот „сакампиво.мк“, посветен на промоција на пивото и на ширењето на пивската култура. Нам ни е интересен и поради неговиот бекграунд како битен лик од урбаниот живот на градов – тесно филозофски поврзан со неговата пивска култура, како што се покажа од она што ни го раскажа.

Пивската приказна на Мац ќе ја раскажеме хронолошки, со почеток во раните двеилјадити, кога имал „прилика повеќе да шета низ Европа … како и сега“:

„Првпат влегов во еден белгиски паб во Будимпешта, специјализирана пивница само за белгиски пива. Една статуа, чиче, со дебело стомаче, едноставно повикуваше: влези, влези … И првпат тогаш ‘го осетив’ „Stella Artois“, класичното пиво кое сите го знаеме, но таму вкусот беше сосем поинаков отколку овде … И се навлеков на тие, белгиските пива – „Chimay“, другите трапист пива, „Kwak“ …, што ми беше една нова димензија, еден нов пивски свет, дотогаш непознат за мене. Овде знаевме за еден вид пиво – имавме пет-шест брендови, но еден вид пиво – лагер светло пиво. Лесно, освежително, да лизга низ грлото, но, тоа е тоа, без ништо повеќе филозофија.“

После неколку вакви искуства, Костадиновски дошол до идеја да отвори и овде, во Скопје, една специјализирана продавница, само за пиво. И во септември 2005 ја регистрирал првата онлајн продавница за пиво во Македонија, во време, како што потсети, „кога платформите за продажба на интернет не беа на нивото како денес“.

„Beershop.com.mk беше сајтот кој сам си го дизајнирав. Немаше договори со банки и слично во тоа време, но имав регистрирано фирма и направив увоз на шест белгиски пива, директно од Белгија, и ги донесовме „Chimay“, „Leffe“, „Kwak“ . И направивме договор со една мала семејна пивара од околината на Брисел, која беше интересна зашто произведуваше пива по традиционален рецепт, од 14-15 век … и специјално пиво со вишни.“

Но, бидејќи шест месеци поминале само со две нарачки (првата од Холанѓанец, раководно лице во Црвениот крст на Македонија), ја отворил погоре споменатата физичка продавница, во која ја збогатил понудата со уште педесетина увозни пива (за почеток), а концептот бил да бидат застапени и сите домашни брендови од тогашниот пазар.

Првите клиенти и во пивотеката биле главно од дипломатските претставништва (и од регионот); добри количини пиво испорачал и за белгиските и италијанските војници од „Косовските сили“ (КФОР), а го ‘уприличил’ и одбележувањето на Денот на независноста на САД во американската амбасада во Скопје, за која го набавил пивото „Samuel Adams“ (соодветно за случајот именувано по еден од „татковците основачи“ на САД).

Често, кога играла македонската фудбалска репрезентација, доаѓале и навивачите на гостите, како група Велшани, кои во пивотеката останале два дена; Словаци со кои и денес одржува добри контакти; и секако, неизбежните пивопијци, Шкотланѓаните.

Со Влада Дивљан

„Но, секако, најголем момент од „биршоп“ кариерата беше посетата на Влада Дивљан, од „Идоли“, кој дојде на мојот штанд специјално за белгиското пиво „Duvel“, и со голема радост изјави: „Живеам во Виена и не можам да го најдам ова пиво, а го наоѓам во Скопје!“. Другиот ден, кога си заминуваше, специјално ја отворив продавницата за целиот негов тим. Дополнително ми прати „на шопинг у Скопљу“ и други луѓе, зашто во Белград тогаш немаше некој голем избор на пива. Денес веќе состојбата е сменета – се сврте во спротивен правец. Се надевам и имам желба повторно да се вратам на овој бизнис, но во некој друга форма и друг концепт.“

Сакампиво.мк и подемот на сцената на домашното, занаетчиско пиво

Порталот го отворил по затворањето на продавницата во 2015, со цел да се фокусира на промоција на пивото и пивската култура; да го препорачува овој здрав пијалок, да ги разбие митовите за пивскиот стомак, за пивото како пијалок за масите, за ‘налевањето’ од кригла …

„Со сајтот „сакампиво.мк“ направив неколку настани со спарување пиво со храна. Лани, во декември, во кафулето „Кашмир“, направив спарување на пиво со чоколадо. Претходно мислев дека само со темните пива одговара чоколадото, но малку шетав на неколку работилници во Италија, во Германија, и видов дека со секој стил одговара некој вид чоколадо – освен со лагер пивата. И така направив комбинација на пет различни видови пиво, од она што во моментов го има на нашиот пазар, со пет варијанти на чоколадо.“

Во соработка со „Слоу Фуд Македонија“ направил и спарување на домашни сирења со домашни пива – пет вида пиво со пет вида сирење. А за подигање на сцената на домашните производители на пиво (се работи за таканареченото занаетчиско пиво, или крафт), го организира и „Крафтинг пивскиот салон“; првиот одржан во „Кашмир“, за кој имало огромен интерес – како што вели, „преголем за просторот“, а посебна чест му направиле гостите од Грција, од Лерин. Целта на Костадиновски е да го помогне развојот на културата на домашно производство на пиво, која во регионот е на многу високо ниво, но овде долго немало суровини, а соодветно недостасувало и искуството …

На „Крафтинг пивски салон“ …

„Во меѓувреме се отвори продавница – увозник на суровини и опрема за пиво. Пивото, знаеме, се прави од слад, хмељ, квасец и вода. За овие суровини секој претходно се снаоѓаше како што знае. Некој, како мене, сам си ги произведуваше ‘од дома’, со јачмен купен од некоја фарма, па го ‘ртиш, сушиш и печеш, за да го добиеш посакуваниот вкус, приближен на она што претставува јачменовиот слад кој го користат пиварите. Како резултат на тоа го направиме вториот „Крафтинг пивски салон“ во Кинотека. Имаше отворен онлајн конкурс, се пријавија 15 учесници. Веќе кога има продавница, автоматски сцената се развива, се движи; сега веќе има над 30 учесници. На овие пивски салони може да се пријави секој кој сака и е спремен да го сподели тоа што го прави дома; кој смета дека може да биде добар и има амбиции да прерасне во нешто посериозно; некоја крафт пивара, некој иден бизнис. Учеството е бесплатно, што ќе се продаде останува за производителите на домашно пиво. Оваа година го направивме и третиот, прв во 2019, во Куршумли ан, а со овие салони остваривме блиска соработка и со останатите пивари од земјата, како Пивара Скопје, „Староградско“ пиво, „Наше Македонско“ пиво, крафт пиварата „Темов“, и некои увозници.“

А самиот прави домашни темни пива …

„Љубител сум на темните пива, ‘стаути’, црни, такви тешки, и ги правам целосно со мои суровини. Постојано одам со различни имиња – не сакам да бидам роб на оние англиски, западни шеми. Сакам да ископам нешто од она што ми биле афинитетите, од мојот културен бекграунд; нешто од нашата богата култура, од музиката, од литературата, филмовите. Така имав едно црвено пиво „Итар Пејо“, едно црно „Калеш Анѓа“, едно „Црна мачка“, по мачката што ја чував, „Црна Дупка“, според изворот на Црна Река (Еригон), „Црно семе“, по книгата и филмот, „Рубин Кармин“, по песната на „Архангел“, а имам и „Темна ноќ“, последното пиво, со коприва, што сега ќе го промовирам. Не се фокусирам на стил, како што прават повеќето. Одам на класично домашно пиво, експериментална серија што ја именував „xBEERiment“; на некој начин инспирирана од природата што многу ја сакам и често знам да употребам некој зачин или билка што ќе ги најдам.“

Во контекстот, Марјан Костадиновски нѐ кани викендов во хотелот „Александар Палас“, каде на првиот „Слоу Фуд Салон“ ќе се претстави и со споменатото домашно црно пиво со коприви, „Темна ноќ“.

Тешки’ пива – ‘тешка’ музика

„Како што ме привлекуваат црните, тешки пива, таква музика и слушам. Растев со таа рокенрол генерација – Rolling Stones, Beatles … каде основата е гитара, бас, вокал и тапани. По дефиниција, по германскиот закон за рецептот за пиво, и тоа се прави од четири суровини: вода, хмељ, јачмен, квасец. Кога почнав да растам, воочив дека не ме исполнува тоа во музиката, и барав нешто повеќе. Почнав да ја барам естетиката во рокенролот. Како што и во пиварството барам – зачинче едно, зачинче друго … Тука ја гледам таа филозофска врска“, гласеше објаснувањето на Мац за неговиот културно-пивски интегритет.

Бил на воена академија во Сараево, од каде заминал по распаѓањето на СФРЈ, и овде завршил факултет за безбедност и здравје при работа. Не работел ниту ден по струката, но како студент веќе пишувал за „Студентски збор“. Прва ‘официјална’ редакција му бил магазинот „Форум“, а пишувал во речиси сите списанија што се појавиле во Македонија во односното време – во „Тротоар“, „Град“, „Урбан магазин“, од првиот до последниот број. Мац има и дводецениска радио кариера – од која 10 години поминал во „Сто тројка“, паралелно и во радио „Равел“, со две емисии – авторска и топ-листа, а почетоците во овој дел му биле во Студентското радио, со авторски емисии за амбиенталната музика, и за некои други музички правци.

Со Thievery Corporation
… и со Лилиан Виера од Zuco 103

„Во времето пред интернетот, кога немаше извори на информации како сега, моите први приказни беа за Dead Can Dance, Einstürzende Neubauten, Tricky … пишував онака како што чувствував, и се базирав на податоците кои беа запишани на винилот или CD-то … Имав еден текст за руската електронска сцена, која беше во развој во тоа време – „Руски електронски шок“, така ја ‘кристив’. За „Град“ имав неколку интересни текстови, меѓу кои за омилените The Residents. Имам направено и интервју со менаџерот и соосновачот на групата, покојниот Харди Фокс. The Residents сум ги гледал два пати – во Белград Фокс ми го потпиша интервјуто, а на вториот концерт, кога свиреа во Скопје, одново се сретнавме – ме забележа и препозна по оригиналната маица што ја купив од нивниот сајт од издавачката куќа „Ralph Records“.

Инаку, плочата што ‘своевремено’ го натерала да истражува подлабоко во музиката, и која ја смета за „библија во пост рок музиката и водич за иднината“, е „Before and After Science“, на Brian Eno.

„Толку бев навлечен на неговата работа (на Eno), што дури ги купував и сите изданија кои ги има и само продуцирано, па така стигнав и до пост панк движењето – музиката на Bauhaus, Joy Division, Swans, Cure, Cocteau Twins, Nick Cave … целокупната дискографија на „4AD“ во деведесеттите години. Од основата на рокенрол музиката почнав да истражувам и да ја барам инспирацијата во психоделичниот рок, па така стигнав до Can, King Crimson, a естетиката во рокенролoт ја барав и во бендови како Tuxedomoon; но, ќе повторам, клучно влијание врз мене секако остави најголемата музичка енигма на столетието, The Residents, кои и после половина век на сцената останаа анонимни како од првиот ден кога се појавија. Тоа што ме мотивира во концептот на The Residents е пораката: фокусирај се на делото, а не на авторот. Истата филозофија важи и за пивото. Трапист пивото „Westvleteren“ нема етикета – само на тапата има информација. Сѐ уште е едно од најценетите пива.“

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here