„Витрувијанскиот човек“ на Леонардо да Винчи сепак ќе им се придружи на другите дела на ренесансниот гениј, што отпатуваа од Италија до Франција за големата изложба во Лувр, откако италијански суд ја отфрли жалбата со која се бараше да не се позајмува делото. Неодамна судот привремено го попречи патувањето на познатиот цртеж, по жалба на „Наша Италија“ (Italia Nostra), непрофитната организација посветена на заштита и промоција на италијанското историско и уметничко наследство. Организацијата побара да не се позајмува делото, кое се чува во строго контролирани улови во венецијанската Галерија на академијата (Gallerie dell’Accademia), тврдејќи дека е пречувствително за да го издржи транспортот, и оти би се ризикувало да се оштети од осветлувањето во Лувр ако е изложено подолг период (изложбата се отвора на 24 октомври, а ќе трае до 24 февруари 2020).

Овој правен проблем се закани во последен момент – на една недела пред отворањето, да го загрози договорот меѓу Италија и Франција за седум дела на Леонардо, позајмица за Париз за изложбата со која се одбележува 500-годишницата од смртта на да Винчи.

Италијанскиот министер за култура, Дарио Франческини, и неговиот француски колега, Франк Ристер, минатиот месец потпишаа соодветен договор; повеќе како симболичен гест за завршување на несогласувањата поттикнувани од претходната италијанска влада во врска со позајмицата. Предвидено е, за возврат, Франција да ѝ позајми на Италија слики од Рафаел, за настаните со кои догодина ќе се одбележува половина милениум од смртта и на овој гениј на ренесансата.

„Наша Италија“, во својата жалба тврдеше дека бидејќи „Витрувијански човек“ може да биде изложуван само кратки периоди, и тоа на секои шест години, постои ризик после изложбата во Лувр да треба да биде повлечен од јавноста цела деценија, откако цртежот веќе беше изложен во Венеција годинава.

Лувр, инаку, ја поседува најголемата колекција слики од Леонардо, како и 22 цртежи, но за да ја приреди оваа, „досега невидена ретроспектива“, парискиот музеј побара да му бидат позајмени и делата на да Винчи што се чуваат во Венеција, Рим, Торино, Парма.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here