„Тајната вечера“ на ренесансната уметница Плаутила Нели, од вчера може да се види, како дел од постојана поставка во Фиренца. За комплексноста на темата (најчесто, како во случајов, уметнички третирана со ‘фаќање’ на драмата што настанала откако Христос им кажал на апостолите дека еден од нив ќе го предаде; при што главно се има предвид Евангелието според Јован (13, 21 – 13, 29)) на која достојно одговорила и со стручноста на изведбата, Нели конечно го добива своето признание во ‘канонот’ на историјата на уметноста, доминиран од мажи.

Оваа „Тајна вечера“ ‘венела’ во складиште сѐ дури пред четири години не била извадена за реставрација, финансирана со приватни пари и краудсорсинг. Резултатот од зафатите, како што кажавме, е презентиран вчера, кога речиси 6 и пол метарската слика е изложена во Музејот Санта Марија Новела, во Фиренца.

Откривањето на делото на оваа, често наведувана како прва фирентинска жена уметник, се смета за поетско задоволување на правдата за анонимните жени уметници; особено оние кои останале неправедно ‘невидливи’ во (одново, не без право) кренатата прашина околу мажите што ја одбележале епохата на Плаутила Нели во уметноста.

Во времето на Леонардо да Винчи, кому годинава се одбележуваат 500 години од смртта, и на нешто помладата Нели (1524–1588), на женските уметници им било забрането официјалното школување, а камоли проучувањето на анатомијата или на машката фигура (која, на пример, во „Тајната вечера“ има 13 ‘инкарнации’). Ако и во вакви услови некоја жена уметник создавала, најчесто нејзината уметност била потценувана/обезвреднувана, и соодветно оставана за забот на времето и на другите евентуални непогоди.

Организацијата Advancing Women Artists, што одиграла главна улога во реоткривањето на Нели, односно во раставрацијата на нејзиното дело, се обидува да открие и други жени уметници од пред модерната ера.

„Го обновивме платното, и, во меѓувреме, ја реоткривме приказната и личноста на Нели. Нејзините моќни потези со четката полна со боја. Плаутила знаела што сака и била доволно вешта за да го постигне тоа“, е изјава на главниот конзерватор на проектот, Росела Лари, а целата реставрација била раководена и спроведена од жени кои моментално ‘владеат’ со реставраторската сцена на Фиренца.

Ренесансната уметница била монахиња и оформила женска сликарска работилница во нејзиниот манастир, кој во голема мера економски опстојувал благодарение на продажбата на уметничките дела на членови на фирентинското благородништво.

„Тајната вечера“, складирана цели 450 години, е единствено познато дело на темата изработено од жена уметник во периодот на ренесансата, и е едно од најголемите (по димензии) дела на раните жени уметници. Џорџо Вазари ја споменува Плаутила Нели во второто издание на своите „Животи (на уметниците)“ од 1568, оценувајќи дека таа „би создала прекрасни дела, само ако можела да учи како мажите“.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here