По филмски ненадминливиот „Џокер“ на Хоакин Феникс, архи-одмазникот од портфолиото на ДиСи Комикс и дефинитивно не може да се нарече негативец. Можеби, со прилично упростување би можело да се третира под општото место ‘жртва’, а со здрава доза на резерва поради импликациите што ќе ги споменеме подолу, евентуално и како анти-херој. Зашто, како Џокер да го сметаме за негативец во реалниот свет прикажан во филмот на Тод Филипс, во кој доброто и злото се толку амбивалентни? (за разлика од стриповите за супер-хероите каде доброто и злото се поставени во јасен контраст со екстрахирање од општите поими) Кој би бил реперот за ‘позитивец’ во Готам Сити од новиот филм, врз база на кој би можеле Џокер да го прогласиме за негативец?!

Многу од луѓето кои го гледале, а со кои разговаравме на темата, филмот длабоко ги вознемирил. Не со сцените на насилство; такви одамна се изнагледале. Причината за растревоженоста е препознавањето/идентификувањето со искуството што Артур Флек го претвори во Џокер. Сите, како мали, се втурнуваме во светот со една природна, иманентна човечка добрина. И полека, ‘студените тушеви’ од средината, најчесто со првите излегувања од заштитната зона на семејството, прават таа наша добрина да почне да ни изгледа како наивност. А наивноста, како опасна за нашиот опстанок во општеството …

Артур Флек повеќе од вообичаено се трудеше да биде ‘добар’ (со оглед на сѐ што му се случувало во тек на детството), мислејќи дека тоа има смисла ако во светот постојат други луѓе кои соодветно ќе (го) пресретнат (по Христовиот принцип: „Сѐ она што сакате да ви го прават луѓето, правете им го и вие“, Матеј, 7,12). Не најде ниту еден таков човек – во функција на драстичноста/парадигматичноста на ситуацијата, го изневери и мајка му (оттука се објаснува и неговото ‘гинење’ за целта да биде ‘добар’: како мал, поради запоставување од страна на мајка му, бил злоставуван; и бидејќи детската свест не може да процесира поинаку, мислел дека тоа му е казна зашто не бил доволно добар/умен).

И кои му беа опциите на Артур Флек? Да намести на своето лице насмевка повештачка од „џокеровата“, а која за ‘прилагодените’ функционира во општеството чиј ‘поредок’ ги издресирал да ја одглумуваат уверливо, имитирајќи живот? Напротив, тој се „прилагоди“ најприродно што може на ескалацијата на хаосот во општеството, предизвикан од етичкиот крах. Сметајќи дека штом нема луѓе кои искрено, ‘добродушно’ се смеат, туку главно бараат потврда оти треба да бидат задоволни од животот сѐ дури има кого да исмеваат (оние на кои мислат дека им е полошо, дека полошо се снаоѓаат), Артур Флек заклучи оти таквиот свет е еден голем виц, во кој не сака да му се смеат нему …

Oттука почнува делот што ги поттикна критиките дека „Џокерот“ на Хоакин Феникс и Тод Филипс го оправдува насилството во контекстот создаден во филмот. Ова се одново реакции на чуварите на ‘поредокот’ во светот, кој, за да опстане, прифаќа по бесмислено скапа цена да ги „решава“ последиците, наместо причините (што се во темелите на ‘поредокот’), а кои секојдневно произведуваат ликови за кои дознаваме од ударните вести; кои („преку ноќ“, и кој знае зошто?!) се претвориле во ‘чудовишта’, и ‘бесчувствително’ – ‘без трошка емпатија’, се впуштиле во масовни убиства (овде има многу што да каже антипсихијатријата).

Напротив, новиот „Џокер“ е апсолутно против развој на настаните по углед на филмот; предупредувајќи дека нешто мора да се смени за да не се стигне дотаму.

На крајот, ќе кажеме дека се сложуваме со „Емпајр“, кои напишаа дека „Џокер“ на Тод Филипс е „филм на годината“, а притоа мислиме и ‘до каде што ни стигнува сеќавањето’. А за перформансот на Хоакин Феникс нема да се осмелиме да даваме комплименти. И сите суперлативи не можат да го доиспофалат.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here