Антирелигискиот весник „Безбожник“ се печател во Советскиот Сојуз од 1922 до 1941 година, од страна на „Лигата на милитантните атеисти“, работничката организација што пикот го доживеала во 1931, со 5,7 милиони членови. Некои начини што „Лигата“ му ги предлагала на советското раководство за искоренување на религијата биле толку радикални, што веќе во раните триесетти години од минатиот век, дури и еден Сталин ги осудил како екстремни. „Лигата“ е распуштена (одново од Сталин) во 1941, како последица на инвазијата на нацистичка Германија на Советскиот Сојуз (дел од германската пропаганда бил дека тие се тука за да го ослободат народот од верскиот прогон). Јосиф Висарионович Џугашвили тогаш ги прекинал антирелигиските акции, за да ја добие прекупотребната лојалност на религиозното население (и поддршката на Сојузниците), во условите на тешките воени напори за одбивање на Германците.

Но, како што може да се види (и) од пропагандните материјали што следат (дел од нив објавувани во „Безбожник“), следејќи ја Марксовата ‘крилатица’ – „религијата е опиум на народот“, антирелигиското дејствување на ‘Советите’ продолжило и половина век подоцна (самите марксисти го критикуваат преводот „опиум за народот“, зашто имплицирал дека постои субјект – свештенството, кое свесно и намерно го лажело народот; и тврдат оти Карл Маркс сакал да каже дека „религијата е опиум на народот’; во смисла оти религиозните луѓе се самозалажуваат; односно, по слободен избор ‘бегаат’ во религијата – бараат религиски решенија за проблемите од реалниот живот). Сликите подолу се од новата книга на Роланд Елиот Браун, „Безбожничка утопија: Советската антирелигиска пропаганда“, и се наивно-смешни – недоволно креативни, но интересни од ликовен аспект.


„Црвеното преплавување“ (1923), прикажува како Бог и други ‘небески’ жители се нападнати од силата на советската држава:

„Вечните“ (1924). Бог, опкружен со костури на руски светители и кнезови, вели: „Ме изневеривте мои поданици. Сега ми е срам да се појавам на Земјата!“:

„Затвор за телото и душата“, порачува овој недатиран постер:

Герман Титов бил ‘број еден’ атеист меѓу советските космонаути, а втор, веднаш по Јуриј Гагарин, кој во истата 1961, полетал во вселената. Следната (1962), на Светскиот саем во Сиетл, на прашањето од новинарите за влијанието на вселенскиот лет врз неговата животна филозофија, Титов одговорил: „Понекогаш луѓето велат дека Бог е таму некаде. Цел ден внимателно разгледував наоколу, но не најдов никој таму. Не видов ниту ангели, ниту Бог.“ На постерот космонаутот „внимателно разгледува“, очигледно среќен што не го видел Бога. Така се вика и постерот: „Нема Бог!“ (1975):

„Вистинското лице на католичката црква“ (1934). Пајак-папа-череп надгледува како нацисти палат дела на Маркс, Ленин и Дарвин, надоврзувајќи се на инквизицијата од претходните векови, претставена во позадина:

„На сите им е јасно – таму кај што се работи, подеднакво штетат попот и пијаницата“ (1930) – свештеник со крст-пила, се качува за да исече метален столб од далновод:

Религиската пропаганда е изедначена со политичката во овој постер од 1977. „Секташ“ на радио им пушта „Аве Марија“ и „Оче наш“, измешани со „клеветење на СССР“ и „антисоветизам“, на баба, богаташи и некаков ‘алтернативец’:

„Светлината против темината“ (1981). Дете се обидува да ѝ се оттргне на баба му која го носи во ‘сенката’ на црквата, додека него го привлекуваат ‘светлите’ пионерски дом, универзитет, кино …:

„Робови божји“ и „Господари на животот“ (1940):

„Зад излогот подлецот добро си ги наредил работите. Според модата што ја следат глупавите, ќе го разграбаат неговото ‘ѓубре’“ (1984):

„Пречекорете ја злокобната сенка – кон луѓето, во бујниот и радосен ден!“. ‘Верник’ со Библија в џеб и крстовидна сенка, им стои на патот на бабата и внучето, кои, на пример, би сакале да отидат во планетариум:

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here