„Публиката ќе може да погледне нешто поразлично од она што е навикната да го гледа, не само како претстава, туку како целокупен пристап. Мислам дека некои работи ќе ѝ остават доста голем впечаток“, гласи ‘поканата’ што од денешната прес-конференција ја упати режисерот Ивица Димитријевиќ, за претставата „Орестија (1/4)“, која премиерно ќе биде изведена в понеделник и вторник (28 и 29 октомври), во Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје.

Реобмислувањето на улогата на хорот во античката трагедија „Орестија“ е основната идеја на „Проектот Хор“ (The Chorus Project) (чиј координатор е, исто така, Димитријевиќ), поддржан од Креативна Европа (Creative Europe), а во копродукција на МКЦ – Скопје, Апстарт театар (Upstart Theater) од Лондон, Патос (Pathos) од Минхен и Театар Ам Ленд (Theater am Land) од Грац.

Ова реобмислување го зема предвид денешниот социо-политички и културен контекст, поконкретно низ прашањата: што значи демократија во 21 век; што значи да се биде граѓанин; што значи Европа и „европска иднина”; како да се поврзат локалното и глобалното; што е индивидуалното наспроти колективното?

(работна фотографија од пробите на „Орестија 1/4“)

Проектот се одвива две години, во неколку фази, од кои во првата претставниците на тимовите се состанале во секој од театрите копродуценти, и преку разни работилници и предавања со експерти од одредени области, заедно ги анализирале општествените услови во кои секој од нив работи.

Во втората фаза, секој тим поединечно почнал истражувачки процес, и во рамките на работилници со вклучени граѓани биле собрани материјалите за реобмислување на хорот – се разбира, во секоја од државите копродуценти бил земен домашниот социо-културен контекст, и прилагоден на случувањата во самата трагедија „Орестија“.

Во третата фаза, која сега завршува, секој тим одделно го подготвил доделениот му дел од трилогијата, што ќе го претстави на своја посебна премиера; додека во четвртата фаза сите четири делови ќе бидат споени во една претстава, со обврска понатаму да бидат одиграни на театарски фестивали во секоја од земјите копродуценти.

Премиерната изведба на сите четири делови заедно е предвидено да се случи на Млад отворен театар (МОТ ) 2020, а македонската претстава „Орестија (1/4)“, што е вториот дел од трилогијата (со име „Надгробно жртвување“), како што кажавме, ќе може да се види премиерно во понеделник и вторник.

(работна фотографија од пробите на „Орестија 1/4“)

„Накратко, предизвикот е како да се претстави демократијата на сцена“, ја сумираше поентата на проектот актерката Јасмина Василева, која во случајов е координатор на работилниците од кои произлегол материјалот за реобмислување на улогата на хорот. Соодветно на местото каде што се реализира македонскиот дел од проектот, а имено во МКЦ, „Орестија“ на Димитријевиќ ја обработува темата на вклученоста на младите во политичките процеси и демократијата воопшто:

„За работилниците упативме отворен повик, со можност да се пријават млади луѓе, од 16 до 22-годишна возраст; односно кои допрва ќе го добијат правото на глас, или неодамна почнале да го остваруваат истото“, објасни Василева.

Во тек на овие работилници пријавените млади добиле извесна алтернативна едукација, во смисла и на вовед во политиката како наука, а за возврат, од нив – при истражувањето во работилниците, е добиен материјалот што се користи во претставата, во делот на хорот, односно народот што го претставува.

„Документаристичките материјали добиени во рамките на истражувањето на работилниците, и соодветните авторски текстови, имаат за цел конкретно да ја доловат ситуацијата на младиот човек и неговата неможност за делување денес“, рече на прес-конференцијата драматургот Билјана Крајчевска.

Во однос на самиот класичен текст на Ајсхил, таа потсети дека „Орестија“ е една од најзначајните трагедии, и единствена зачувана трилогија од античкиот свет (сочинета од „Агамемнон“, „Надгробно жртвување“ и „Евмениди“):

„Првпат е изведена во 458 година пред нашата ера, односно, само две години пред смртта на Ајсхил. Ова е важно да се спомене, бидејќи Ајсхил починал на Сицилија, не за да ги шири урнеците на трагедијата или поради учество во елеусинските мистерии, туку поради политички егзил. Зашто, пишувајќи ја „Орестија“, каде на крајот му се суди на синот, за убиството на мајката и нејзиниот љубовник, зборува за еден многу важен сегмент, основањето на Ареопагот, односно на телото кое се прашувало дали случените убиства се оправдани. Тоа е прашање со кое всушност се занимава и народот, кому е овозможено преку демократија да го истражи ова прашање. Нашата драмска предлошка е конструирана на таков начин што користи материјали од сите три дела, и текстови кои припаѓаат еднакво на неколку лика (…) со цел да се потенцира репетитивноста на моќта на владејачката класа, која како вирус ѝ го обезбедува владејачкото право во моментот кога ѝ е загрозено“, изјави Крајчевска.

(работна фотографија од пробите на „Орестија 1/4“)

Режисерот Ивица Димитријевиќ, на крајот на прес-конференцијата рече дека се надева оти тоа што сакале да го кажат со претставата, ќе биде јасно видливо за публиката:

„Мене секогаш ме фасцинирало, и тоа е реторичкото прашање што провејува во претставата: до кога можеме да ги решаваме проблемите со убиства, и до кога демократијата подложна на злоупотреби ќе одредува кое убиство е оправдано, односно ‘добро’, а кое не е оправдано. Тоа лебди во воздух во претставата – не се кажува буквално – зашто имаме конкретен текст по кој работиме, но, тоа беше како некоја главна патека по која пробавме да ја водиме креацијата на ова дело.“

Димитријевиќ додаде уште дека претставата, и за екипата која работи на неа, како и за публиката, дава можност да се види како размислуваат луѓето надвор од нашето опкружување, не само блиското (Балканот), туку и подалечното:

„Проектот нуди можност да видиме како тие (европскиот Запад – луѓето од земјите копродуценти во проектот, н.з.) нас нѐ дожуваат, а како ние нив. Уште на состаноците од првата фаза сфативме дека имаме и заеднички точки, но, очекувано, има моменти каде што се разминуваат нашите мисли и идеи на даденава тема.“

Покрај погоре споменатите, во екипата на „Орестија (1/4)“ се уште Јане Трајковски (музика), Кристина Божурска (сценографија, визуелно обликување и дизајн на плакат), Мартин Иванов (видеомонтажа) … , а во претставата играат Стефан Вујисиќ, Наталија Теодосиева, Жарко Јовановиќ, Драгана Лошкова и Димитрија Доксевски.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here