Бројот на прекршочни постапки во Њујорк го достигнал својот пик со повеќе од 320.000 во 2009, а иако истите досега се намалиле, судовите во огромниот град останале преоптоварени, па властите биле принудени да смислуваат начини за избегнување на судските постапки против сторителите на помали прекршоци. Една од алтернативите е можноста сторителите, наместо да се појавуваат на суд ризикувајќи да добијат и затворска казна, да посетуваат курсеви за уметност во Бруклинскиот музеј.

Оваа нова програма е дел од „Проектот ресетирање“ (Project Reset), почнат во 2015, во кој првично се работело со 16 и 17-годишници уапсени во делови од Менхетн и Бруклин, но сега проектот нуди алтернативи во однос на традиционалниот правосуден систем за луѓе од сите возрасти, при што локациски, покрај Менхетн и Бруклин, е додаден и Бронкс.

Уапсените за ненасилни прекршоци, како крадење во продавници, користење јавен превоз без билет, цртање графити …., се ‘квалификувани’ за учество во Проектот ресетирање, а во зависност од тоа каде живеат во споменатите делови од Њујорк, можат да посетуваат работилници, индивидуални советувања со експерти, групи за ресторативна правда или уметнички програми. Ако партиципиентите успешно ја завршат избраната програма, обвинителот не почнува постапка за нивниот прекршок, кој и им се брише од досието.

Конкретно, во рамките на соработката меѓу Бруклинскиот музеј и Проектот ресетирање, учесниците во уметничката програма разгледуваат и дискутираат за уметнички дела; охрабрувани се и да креираат сопствена уметност, да размислуваат и да ги осознаат вредностите на уметноста. Бруклински обвинител кој го надгледува проектот објаснува дека вака луѓето стануваат поодговорни, а со зачувано достоинство (за разлика од голем дел од случаите во кои се применува традиционалното ‘казнено-поправно’ решение за сторителите и на помали прекршоци, затворот; по кој често се зголемува рецидивизмот).

Бруклинскиот музеј нуди два курса: еден за млади на возраст од 18 до 25 години; и друг за оние над 26. Повозрасната група ја студира сликата „Судењето“ (инспирирана од делата на старите мајстори, од видот на „Страшниот суд“ на Микеланџело) на Боб Томпсон, додека помладата е фокусирана на „Префрлање на погледот“ на Тајтус Кафар, што уметникот ја базирал на семеен портрет во стилот на Франс Халс, па откако со бела боја нанесена во крупни потези ги прекрил ликовите, оставил само едно црномуресто момче во центарот на композицијата …

„Shifting the Gaze“, 2017, Titus Kaphar

Од Бруклинскиот музеј намерно ги одбрале овие дела поради нивниот „потенцијал да поттикнат дијалог околу темите на агендата, дефинирајќи нивен (на проектот) сопствен наратив, за разлика од претходно дефинираниот“ (имајќи предвид дека многу од курсантите се Афро-Американци)

Официјална проценка го покажала позитивното влијание на проектот/програмата, а имено, според истражувањето на Центарот за судски иновации (Center for Court Innovation) спроведено за целта, „просечниот број на повторни апсења на партиципиенти во Проектот ресетирање бил помал во споредба со прекршители кои не биле опфатени (со проектот)“. Поточно, кај учесниците во Проектот ресетирање стапката на рецидивизам била 2% една година по првичното апсење, додека кај останатите 8%.

„Оваа програма дефинитивно ми помогна да ја избегнам вознемиреноста што се подразбира ако требаше да одам на судски рочишта за грешката што ја направив. Ми помогна да се чувствувам како човек во системот кој често ги криминализира луѓето и за најмала лага, за направен погрешен избор, за тоа што биле на погрешно место во погрешно време“, е изјава на посетител на курс во Бруклинскиот музеј, кој бил уапсен за крадење во продавница.

„The Judgement“, 1963, Bob Thompson

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here