И овде, кај нас, има некаква демократија. И некој ја употребува/користи. А не треба некое посебно истражување за да се увиди дека народот тука не e фактор, освен пасивно, како дел од целните групи на партиите пред избори, кога партиските стратези планираат како да ги измамат неговите гласови. Јасно е дека овде само партиските врхушки/политичките елити активно ја употребуваат демократијата, а кога бројката на нејзини корисници е вака мала, тогаш тоа се вика злоупотреба (на демократијата).

„Орестија 1/4“, претставата што вчеравечер премиерно беше одиграна во Младинскиот културен центар (МКЦ), суштествено и ефектно ги адресира проблемите што произлегуваат од горната констатација; односно, соодветно одговорила на задачата зададена од европскиот „Проект хор“ (The Chorus Project): да се реобмисли улогата на хорот = народот во античката трагедија на Ајсхил (Орестија), земајќи ја предвид состојбата на демократијата во секоја од земјите од каде што доаѓа театар копродуцент.

(Македонската четвртина од „Орестија“ во „Проектот хор“ поддржан од Креативна Европа (Creative Europe) е во продукција на МКЦ, а останатите 3/4 ги делат Апстарт театар (Upstart Theater) од Лондон, Патос (Pathos) од Минхен и Театар Ам Ленд (Theater am Land) од Грац)

Уште пред влегувањето во „Денсинг салата“ на МКЦ вчера, на публиката ѝ беше понудено да си земе тампони за уши, поради прегласниот звук со кој почна „Орестија 1/4“ (овде веднаш ќе ја пофалиме целокупната музика/звучната подлога за претставата, донесена во живо од Јане Трајковски). Овој почетен вознемирувачки шум, без никаква друга акција на сцената, траеше до ‘границите на издржливоста’, а набрзо, со текот на претставата, му го разбравме и значењето: во ова крајно исполитизирано општество, покрај катастрофално загадениот воздух, контаминирани се и културниот, информативниот, општо општествениот простор … а проблемот е што сме се навикнале на овој ‘фон’, ‘шум’, загадување, до степен да не правиме ништо дејствително за да смениме нешто, при што тезата – оти не може/нема услови за целта, е неодржлива (како и секаде и секогаш).

Овде доаѓаме до начинот на кој режисерот Ивица Димитријевиќ одговорил на главната задача од „Проектот хор“ – реобмислување на улогата на хорот/народот во демократијата. Во неговата, македонската „Орестија“, хорот е на Фејсбук; како што и реално е: „активисти“ на социјалните мрежи има колку сакаш, и во таа мера го мултиплицираат ‘шумот’, „стручно“ судејќи за сѐ, а нивниот ‘активизам’ не менува ништо, зашто е главно покажување „креативност“/„досетливост“ …

Во случајов хорот (присутен преку видео бим на сцената, со „пренос“ од Фејсбук) се занимава со прашањето дали е оправдано Орест да ја убие мајка си, Клитајмнестра, и нејзиниот љубовник, Ајгист, за да го одмазди убиството на татка си, Агамемнон …

Неважно, гледано од перспективата на претходно кажаното (ваквиот хор и онака може да се натера да ‘гине’ на која и да е тема; што често го користи мешаната екипа составена од едни кои се на власт, и други кои одблиску ги чекаат да паднат, па да се вратат на нивно место), но важно од аспект на режисерската концепција, односно на решението на Димитријевиќ за начинот на кој ќе го поврзе убиството што треба да го изврши Орест во класичниот текст, со реобмислената улога на хорот во однос на денешниот социо-политички и културен контекст, во случајов македонски.

Решението на режисерот, во речиси целосно (соодветно) црната минималистичка сценографија (за која била задолжена Кристина Божурска), е во исцрпувањето на симболиката на ножот, како оружје. Последните скалила на скалата по која на сцената симболички се искачува власта се ножеви; горе почнува ‘да игра’ ножот, зашто, нели, лидерот треба да знае да пресече кога треба. Тоа се истите ножеви што во својот концепт Димитријевиќ ги поставил да висат и над главите на публиката (хорот, народот; кој, наивно е и само да се каже, но во теорија не треба да се плаши од власта што самиот ја избрал). Со таков нож, земен од последното скалило на споменатата „скала на власта“, и Орест ги заколува Клитајмнестра и Ајгист.

„Дали демократијата е убиство?“, извикува, меѓу останатото, разбеснетиот Хороводец; очигледно фиктивен лик во реалниот живот, кој е полуден од ‘шумот’, и очајно бара некој/некои да направат нешто, да се организираат, да сменат … (соодветно, како во реалниот живот, публиката/народот молчи и кога Хороводецот ѝ се обраќа директно, дури и поединечно).

Откако вака ја поставува дијагнозата, „Орестија 1/4“ на Ивица Димитријевиќ дава и можен одговор, што публиката ја чекаше во плико поставено на секое столче, со назнака да не се отвора до крај. На крајот видовме дека секој во своето плико има парче од сложувалка, која, додека не се состави и порача: „Клучот е кај сите нас, заедно“, не можевме да излеземе од салата.

Всушност, во некои можни варијанти и можевме, на пример, ако ја разбиевме заклучената врата; што може да се сфати и како експеримент на режисерот за тоа како ни функционира демократскиот рефлекс/реакција (ако го нема рефлексот – нема демократија); односно, дали ќе станеме и ќе реагираме кога некој (во случајов само симблички) нѐ тероризира: со прегласна музика/шум, со ножеви што ни висат над главите, со петнаесетина минути чекање да излеземе по завршувањето на претставата, додека сите не го поставија своето парче во сложувалката …

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here