„Во земјата во која нема печатен медиум што објавува стрипови“, веќе 17 години успешно се организира Меѓународниот салон на стрип, а втора година по ред и стрип колонија; при што е многу важно да се потенцира дека истата е една од само двете (колонии) во Европа посветени на деветтата уметност. Местото на случувањата е Велес, а организацијата на Стрип центарот на Македонија – од истиот град, како резултат на ентузијазмот – волонтерскиот речиси дводецениски труд на основачот и извршниот директор на Центарот, Ване Трајков (цитиран на почетокот на текстот), и програмскиот координатор при истиот, Томе Трајков.

Неколку години по ред, благодарение на поддршката од Градот Скопје, избор од пристигнатите стрипови на конкурсот на Меѓународниот салон, а последниве две години и од сработеното на колонијата, може да видат и скопјани, на Стрип фестивалот „Скопска стрип акција“, вчера отворен со изложба во Домот на културата „Кочо Рацин“.

На Салонот/колонијата годинава учествувале покрај македонски, и автори од Финска, Словенија, Србија, Хрватска и Грција, па на „Скопска стрип акција“ можевме да ги видиме и делата на Владимир Весовиќ (Србија), кој е водител на велешката стрип колонија, на Изток Ситар (Словенија), на Марко Дјешка (Хрватска), на сопружниците Стојче и Емилија Тоциновски (Македонија), на Кирси Салонен (Финска), на Марко Серафимовиќ (Србија), на Василис Герку (Грција) …

Конкурсот и на 17-тиот Салон на стрип – Велес 2019, традиционално подразбира награди, но годинава не е доделена првата, „Златен стрип“, зашто Министерството за култура на државава и Општината Велес, кои го финансираат проектот, не обезбедиле средства.

Две табли од „Jeftino i skupo“, стрипот на Сабахудин Мурановиќ, награден за најдобар уметнички израз

На традиционалниот меѓународен конкурс за стрип „Велес 2019“ биле пријавени 175 дела од автори од повеќе земји, а во отсуство на првата награда, втората ја поделиле Кирси Салонен (Финска) за стрипот „High magic“, и Џеф Дејер/Владимир Кузманов (САД) за „Reddo“. Тројца, пак, се добитниците на третото место: Андромеда Дасар (Албанија), за стрипот „Sanke true love for ever“, Навид Булбулија (БиХ) за „Vanilla blackhole“, и Исмет Ердиќ (БиХ) за „Karijang“. Наградата за најдобар уметнички израз ја добил Сабахудин Мурановиќ „Муран“ за „Jeftino i skupo“; за најдобро сценарио Предраг Ѓуриќ (Србија) за „Zaglavljen“; а специјалната награда од Стрип центарот на Македонија ја делат Сраѓан Николиќ – Пека (Србија) за стрипот „Drvo života“ и Леа Краљ (Хрватска) за „Bogovi“.

Наградите на македонските автори им беа доделени вчера, на отворањето на „Скопска стрип акција“, а за најдобар автор од земјава е избран Стефан Николовски, за стрипот „Темна правда“. Како најдобра, пак, до 18-годишна возраст, награда доби Ана Марија Стефановска, со „Бидејќи те сакав“, а до 14-годишна возраст, Ангела Петрушевска, за „Црна визија“.

А во patem.mk, особено задоволство ни направи наградата што за најдобар дебитански стрип ја доби Александра Ристески, со „Црно è bello“; што буквално беше нејзино деби како сценарист, на стрипот објавен на нашиот веб-сајт.

Александра Ристески, наградена за најдобар дебитантски стрип

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here