Откако во НАСА почнале да ги каталогизираат екстрасоларните планети, откриле над 4.000, а повеќето од нив во последниве 15 години, благодарение на сега ‘пензионираниот’ вселенски телескоп Кеплер. Вниманието на јавноста најмногу го привлекуваат откриените планети слични на Земјата, со потенцијал во перспектива да овозможат евакуација на Земјаните, но научниците кои се дел од програмата на НАСА за истражување на екстрасоларните планети (Exoplanet Exploration Program) се воодушевуваат од екстремите на ‘креативноста’ во вселената, во која се формирале и еволуирале планети што се суштинска спротивност на нашиот „Трет камен од Сонцето“.

И токму таквите планети НАСА ги искористила по поводот – тукушто поминатата Ноќ на вештерките, во функција на популаризација на науката за екстрасоларните планети. Се работи за серија постери што вселенската агенција ги објави под името „Галаксија на ужасите“ (Galaxy of Horrors), кои за целта се достапни за бесплатно симнување/печатење/закачување во домовите на фановите на вселенската иконографија.

Постерите наликуваат на плакати за „винтиџ“ хорор филмови, но со астрономски фокус, и се резултат на соработката меѓу научници и уметници.

„Меѓу застрашувачки негостољубивите светови застапени во последните постери е HD 189733 b, планета со атмосфера полна со силикати – клучната компонента на песокот и стаклото – и ветрови што дуваат со брзина од над 6700 километри на час. При овие брзини, од силикатите во атмосферата може да се создаде континуирана бура од летечки стакла. Кога луѓето или роботи истражувачи би можеле да патуваат 63 светлосни години од Земјата дотаму, никогаш не би ги преживеале пеколните услови на планетата“, стои во објаснувањето на НАСА за првиот постер.

Вториот, пак, вклучува три планети: Poltergeist, Draugr и Phobetor (сите наречени по ‘чудовишта’), кои орбитираат околу пулсарот PSR B1257+12, лоциран на околу 2000 светлосни години од Земјата:

„Нарекувани и „мртви ѕвезди“, пулсарите се остатоци од ѕвезди што ги потрошиле залихите гориво во своите јадра и колабирале, но не се безопасни трупови. Како и други пулсари, PSR B1257+12 зрачи силна радијација, понекогаш видлива и ширум галаксијата, која ги ‘напаѓа’ трите блиски планети, па животот каков што го знаеме никогаш не би можел да се формира во овие светови.“

Менаџерот на програмата на НАСА за истражување на екстрасоларните планети, Гери Блеквуд, на овие постери гледа како на „влезна врата“ за поширока популација во астрономските откритија:

„Овие постери прават науката за екстрасоларните планети да изгледа ‘кул’, и многу од потенцијалната публика, особено студентите, може да посакаат да научат повеќе за науката зад постерите.“

За да ги симнете новите постери и да научите повеќе за негостољубивите планети надвор од Сончевиот систем кликнете овде, а во атмосферата од „Галаксијата на ужасите“ влезете со трејлерот што следи; исто така инспириран од старите научно-фантастични хорор филмови …

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here