Мајкрософт Јапонија (Microsoft Japan) ги објави резултатите од нивниот експериментален месец со 4-дневна работна недела, и тие ‘на прва’ изненадуваат со податокот дека продуктивноста на вработените била зголемена за дури 40%.

Ова изгледа како изненадување во светлината на очекувањето дека Јапонците и онака се високо продуктивни, но нивната посветеност, бушидо-самурајска чесност во однос на работните обврски, не треба да се меша со продуктивноста. Вистината е дека на листите на кои стручно е измерена продуктивноста по држави (по работен час), Јапонија не е меѓу првите десет во светот. Ова е така поради тоа што Јапонците „не знаат“ за одмор; познато е дека компаниите имаат проблем да ги натераат да земат целисходен број слободни денови.

Токму на ваков заклучок, односно на потребата нешто да се смени во контекстот, упатуваат резултатите од споменатиот проект спроведен во август – „Предизвик за избор меѓу работата и животот, лето 2019“ (Work-Life Choice Challenge Summer 2019), во кој околу 2.300 вработени во Мајкрософт Јапонија добиле пет слободни петоци, без притоа да им бидат намалени платите или да им бидат одземени денови од годишниот одмор. (напротив, компанијата изразила подготвеност финансиски да ги ‘поддржи’ семејните одмори на вработените или натамошната нивна едукација со суми до 825 евра = 100.000 јени).

„Да се работи пократко, добро да се одмара и многу да се учи. Тоа е неопходно за да се добие средина што ќе овозможи да ја почувствуваш својата цел во животот и подобро да работиш. Сакам вработените да размислуваат за ова и да искусат како можат да ги постигнат истите резултати со 20% пократко работно време“, е изјава на претседателот на Мајкрософт Јапонија, Такуја Хирано.

Меѓу објаснувањата за зголемената продуктивност за 39,9%, стои чувството кај вработените во компанијата дека пократката работна недела значи поекономична/поефикасна употреба на времето, што резултирало со редуцирање на траењето на состаноците, откажување на оние (состаноци) за кои било оценето дека не се неопходни, или нивно технолошко префрлање во ‘далечински мод’, без потреба да се патува. Голем фактор биле и подобро одморените и посреќни вработени. Резултатите од експериментот покажуваат дека за 24,4% се намалило траењето на паузите, како уште еден бенефит, а бидејќи канцелариите биле празни дополнителни пет дена во однос на вообичаеното, потрошувачката на струја се намалила за 23,1%. Биле испечатени и 58,7% помалку страници, што, исто така спаѓа во еколошко-економските придобивки.

Мајкрософт Јапонија планира да го повтори експериментот со месец со 4 работни денови и следното лето, со можност да го прошири и на други периоди од годината. На прашањето – зошто ова не би станало постојана практика – извесен одговор дава фидбекот од вработените во компанијата кои се во директна комуникација со клиентите, а на кои им било тешко да се опуштат во слободните петоци кога знаеле дека остатокот од светот продолжува да работи.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here