„Човековиот однос кон природата и технологијата“ по реставрацијата

Контрастирајќи им на сивите околни згради, и на уште посивиот чакал на кој се паркирани пет „Трабанти“, муралот на Жозеп Ренау (Josep Renau) поставен на културен центар на плоштад во Ерфурт; виден на стара фотографија од времето на Источна Германија, кога уште бил на споменатото место, очигледно имал мисија да ги привлекува погледите и да инспирира.

Изработувајќи го од 70.000 стаклени парчиња, шпанскиот уметник на ова дело, насловено „Човековиот однос кон природата и технологијата“, прикажал две гигантски дланки, од кои едната држи половина (од пресечено) јаболко, а другата некаков разнобоен икосаедар.

Муралот на Жозеп Ренау на фотографија од пред падот на Железната завеса

Кога на културниот центар на чија фасада бил муралот му дошол крајот заедно со Студената војна, комплексното дело било расклопено, и неговите делови спакувани во некое складиште. Но, неделава „Човековиот однос кон природата и технологијата“ на Ренау, се вратил во целата своја величественост, со 500 заменски плочки од врвно италијанско стакло; во проект што планирано е завршен во пресрет на 30-тата годишница од падот на Берлинскиот ѕид (9 ноември).

Овде „Гардијан“, во текст по поводот, го одбележува тоа што поголем дел од 800-те илјади евра потрошени за реставрацијата биле обезбедени од извори што пред 1990 би биле асоцирани со Западна Германија; одбележувајќи го како значаен момент во долгата и горчлива битка за статусот на источно-германското културно наследство во повторно обединетата Германија.

Многу од најпознатите западно-германски сликари, како Герхард Рихтер или Сигмар Полке, биле емигранти од социјалистичкиот исток (Рихтер побегнал два месеци пред изградбата на Берлинскиот ѕид во 1961, а Полке веќе во 1953), и го поттикнувале раширеното мислење дека уметниците кои останале на другата страна од Ѕидот се ропски верни на еднопартиската држава. Георг Базелиц, кој се преселил на Запад во 1957, дури ги нарекол своите источни колеги „шупаци“ после падот на Железната завеса.

Така, секоја претходна годишница од падот на Германската Демократска Република била обележена со непријатни дебати за вклученоста, односно недостатокот на источно-германски уметници во галериите на повторно обединетата Германија. Расправите главно почнале во 1999 со изложба во Вајмар, со која се планирало симболичко изедначување на уметниците „комунисти“ од Истокот, со оние кои претходно биле под покровителство на нацистичката власт.

Десет години подоцна, кога Ангела Меркел отворила изложба поддржана од државата, наречена „Шеесет години, шеесет дела“, на истата воопшто не биле застапени уметници од делот од државата каде канцеларката израснала (кога имала само три месеци, во 1954, нејзиниот татко кој бил лутерански пастор, бил пратен на служба во град што тогаш бил во Источна Германија, каде Меркел пораснала).

Многу од муралите што ги краселе јавните објекти во Источна Германија биле остранети или оставени на судбината во новиот политички моментум.

Но, враќањето на муралот на Жозеп Ренау сепак зборува за здрава промена во третирањето на уметничките дела од Источна Германија.

Ренау навистина бил посветен комунист, за што, секако, не може да му се забележи само по себе; кој прво избегал од Шпанија (под диктатурата на Франко) во Мексико, каде работел и со Диего Ривера, а ја критикувал бирократијата на раководството на Партијата за социјалистичко единство откако пристигнал во Источна Германија во 1958.

„Не сликам за централниот комитет. Сликам за луѓето кои не ги интересира сликарството. Уметноста треба да дојде кај луѓето ненајавено, во секој дом“, изјавил две години пред смртта уметникот роден во Валенсија.

Неговото дело нема политичка иконографија (значи не им ‘бодело очи’ на загрижените антикомунисти), но, Филип Курц, директор на Вустенрот фондацијата, која платила најголем дел од реставрацијата, вели дека ќе продолжи и понатаму, и со други мурали, без разлика дали содржат „срп и чекан“:

„Во 2019 тоа не би требало веќе да биде скандал. Секое уметничко дело е производ на своето време“, е негова изјава што ја пренесува „Гардијан“.

Со новата програма на Фондацијата предводена од Курц, вредна 1,5 милиони евра, ќе се реставрираат источно-германски уметнички дела на јавен простор, од кои проценките се дека преживеале само 60%. Следниот реставраторски зафат, планиран да заврши во 2021, е психоделичниот „Воз на духови“, на општинската зграда во Плауен, Саксонија, на Карл-Хајнц Адлер и Фридрих Крахт.

„Возот на духови“ ‘во свое време’; и сега, во фаза на реставрација

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here