Неодамна, еден многу драг пријател ми подари книга (издадена од македонската издавачка куќа „Црна хроника“ во 2017 година), прва во светот посветена на арт брут уметникот Фома Јаремчук. Монографијата достапна само на англиски јазик, „Foma Jaremtschuk: An Art Brut Master Revealed“ (Фома Јаремчук: Откриен арт брут мајстор), веднаш ми го окупира вниманието со врескачката експресија на вклучените цртежи, но вистинската реакција ми ја изнуди приказната за нивното потекло.

Одличното издание на „Црна хроника“

Овде ќе ја пренесеме биографијата на Фома Јаремчук што можело да се прочита на веб-сајтот на реномираната галерија од Келн, специјализирана за арт брут (сурова уметност; преведено од француски), „Зузане Цандер“ (Susanne Zander, која во 2005 добила косопственичка, Никол Делмес, па сега се вика „Delmes & Zander“):

„Фома Јаремчук е роден во сибирско село. Никогаш не учел уметност и завршил само три одделенија во рурално основно училиште. Не се знае ништо за неговиот живот до возраст од 29 години. Бил жртва на сталиновиот режим, и откако бил уапсен за „клеветење на СССР“ во 1936, бил испратен во работнички логор. Во 1947 му било дијагностицирано ментално нарушување, и од логорот бил префрлен во соодветна болница од затворен тип. Во тек на 11-годишниот престој во болницата, Јаремчук ги изработил неговите цртежи, на кои прикажува силно експресивни ликови, хармонични вселенски сцени, и мрачни суштества од некој вонземен свет. Откако бил префрлен во друга психијатриска болница за пациенти со потешки нарушувања на менталното здравје, уметникот починал во 1986.“

Веројатно нема потреба да се опишува реакцијата на човек кој откако ќе ги види извонредно впечатливите цртежи, ќе дознае во какви услови се создадени. Затоа само ќе речеме „неверојатно“, како што се покажало дека буквално и е приказната за Фома Јаремчук.

Имено, истрага на новинарите на оналјн весникот од Рига (Латвија), „Медуза“ (meduza.io), докажала дека таков уметник воопшто не постоел; односно ја раскажала/демаскирала измамничката шема на која наседнале битни имиња од светската уметничка сцена.

Истражувачките новинари, кои се и автори на текстот во кој е објавена измамата, Јулија Вишневецкаја и Миша Јашнов, првпат ги виделе делата на Фома Јаремчук на веб-сајтот на „Delmes & Zander“ и биле импресионирани; но и ги збунила приказната за потеклото на цртежите.

„Сето ова му изгледа барем контроверзно на експерт со руски бекграунд. Почнувајќи од тие навистина неверојатни субјекти за советската реалност во средината на дваесеттиот век (субјектите всушност изгледаат прилично типично за пост-советската „треш“ уметност од деведесеттите) (…) Се чини како сите субјекти да се вешто нацртани за да изгледаат како луда фантазија на ментално болна личност; или со други зборови, на начин на кој што би ги смислил таканаречениот здрав разум“, пишува „Медуза“ во текстот „Брутален скандал во арт брутот“, во кој ја коментира истражувачката сторија на Вишневецкаја и Јашнов.

Во текстот што произлегол од истрагата откриени се личностите на главните актери во ‘шемата’, и се наведуваат директни и индиректни докази на многу сведоци.

Нема ниту еден документ или друг доказ дека Фома Јаремчук воопшто постоел, бил гонет или лекуван од и во советските институции. Некаква слаба индиција во спротивен правец од наодите на истрагата е тоа што цртежите се направени на тапети што во Советскиот Сојуз се произведувале во 1950-1960-тите, но вистинскиот автор (на цртежите; кој подолу ќе го претставиме) вели дека во деведесеттите и подоцна користел токму таква подлога за цртање, од тапети што останале ‘од времето’, неискористени во куќата на дедо му.

А западниот дел од руската „шема“ почнал кога во 2006 споменатата келнска галерија „Зузане Цандер“, била контактирана од непознат трговец со уметност (во текстот од истрагата стои дека се работи за извесен Алекс Гес; инаку сопственик на мала градежна компанија во Русија), кој донел комплет од 233 цртежи направени на тапети, и ја раскажал приказната што галеријата ја споделувала на својот веб-сајт.

Одличните цртежи со толку футуристички детали направени во шеесеттите од минатиот век (како што кажал трговецот), од човек изолиран во психијатриска болница, направиле галеријата да поверува дека открила ’златен рудник’, и веднаш го купила комплетот за 45 илјади евра. Дека добро инвестирале се покажало речиси веднаш, на следниот саем за уметност во Келн (Art Cologne, 2007), кога уметничкиот гениј на трагичниот советски ментално болен дисидент бил препознаен. Додека „Зузане Цандер“ испорачувала сѐ повеќе цртежи на Јаремчук, друга позната галерија од Лондон што преферира арт брут, „Хенри Боксер“ (Henry Boxer Gallery), изложила негови дела на познатиот њујоршки саем за „аутсајдерска уметност“ (друго име за арт брут) (Outsider Art Fair, 2017), кои подоцна се продавале за 4.000-6.000 фунти по парче. Меѓу познатите автори кои со свои текстови го фалеле талентот на Јаремчук, особено се издвојува меѓународниот експерт за овој вид уметност, Колин Роудс (Colin Rhodes), со есејот напишан за монографијата издадена од „Црна хроника“.

Остана уште да го претставиме вистинскиот уметник, кој е автор на цртежите прославени под името Фома Јаремчук. Се работи за Станислав (Стас) Азаров, роден 1977, кој живее во Волгоград; и кој откако се соочил со извесен притисок по истрагата на „Медуза“, пред неполн месец се огласил со изјава објавена како кратко видео на YouTube (цртежи на Азаров во стилот „на Фома“ можете да видите на неговиот Instagram профил):

„Во последно време привлеков внимание поради една приказна за ‘уметникот аутсајдер’, Фома Јаремчук,“ вели Азаров во видеото, пред да се пожали дека бил вознемируван од бројни прашања адресирани до него, на кои, после сѐ, бил спремен и да одговори.

„Прво, јас сум апсолутно ментално здрава личност. Имам уметничко образование, а работам како фриленс уметник и од тоа живеам. Сликите што одат под името на Фома Јаремчук, се всушност мои дела што ги направив во раните 2000-ти. Тоа беше еден чуден период кога работев голем број нарачки и проекти, и учествував на изложби. Тогаш не водев многу сметка за моите дела или за ‘нијансите’ на нарачките и проектите. (…) Делата што се сега предмет на внимание беа направени во истиот период. Некои луѓе ми се обратија и сакаа да купат мои дела, зашто им се допаѓал стилот на оваа серија мои цртежи. Побараа да направам и некои дополнителни дела без детали и без потпис. Па, ги направив, и бев исплатен. А луѓето ги земаа цртежите и си отидоа. (…) Не ме интересираше каде точно ќе одат овие слики, како и во случајот на други проекти од тоа време. Сега некои луѓе ме прашуваат дали ќе поднесам некои барања или дали ќе си ги откупам правата на овие дела. Мојот одговор е „не“. Не ги знам ниту правните моменти околу купувањето на авторски права од странски или руски претставници. И моето познавање на странски јазик е недоволно за да се справам со сите овие прашања. Не ме интересира оваа приказна и не сакам да имам ништо со тоа. Мојот главен интерес е уметноста и моите нови нарачки. Сакам да продолжам да заработувам за живот на мојот начин и да стекнам почит за моето име како уметник.“

‘Исповедта’ на Стас

На крајот, ќе кажеме дека без разлика на разобличувањето на феноменот Фома Јаремчук, уживањето во цртежите од изданието на „Црна хроника“ не е ни најмалку поматено; но, секако, го нема веќе „вау“ ефектот.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here