Во 1973, Салвадор Дали, со големо задоволство ја прифатил нарачката од Алберт Р. Броколи, продуцентот најпознат по филмовите од Џејмс Бонд франшизата, да креира шпил тарот карти за претстојната инкарнација на агентот 007, „Живеј и остави ги другите да умрат“ (Live and Let Die). Големиот уметник, веројатно поттикнат и од ‘запаленоста’ на својата сопруга Гала за езотеријата, целосно се вложил во дизајнирањето на картите, имајќи и на што цврсто да се потпре; а имено и на својата мистична страна, компатибилна со неговиот типичен надреализам.

Но, она што го изработил како филмски реквизит, на крајот не се појавило на големото платно, зашто Дали наводно побарал толку голем хонорар, што бил ‘надреално’ диспропорционален и со (за тоа време) големиот буџет што традиционално го подразбира еден Бонд филм, од 7 милиони долари.

И по ова ‘разминување’ со Броколи, големиот уметник продолжил да работи на проектот, па во 1984 објавил лимитирано издание на шпилот, со придружна книга со инструкции како да се користат картите и со објаснување на процесот на нивна изработка.

Сега, по 35 години, шпилот со 78 карти одново е достапен на пазарот (заедно со придружната книга), во издание на „Ташен“, по цена од 60 долари.

„Маг“

На далиевите карти, традиционалниот тарот симболизам/иконографија, е збогатен со експресии на бомбастичната личност на уметникот, како и со неговите типични надреалистички мотиви. Така, на картата „Маг“, самиот Дали е магот (волшебникот) – пред него е и неговиот иконичен растопен часовник; а неговата сопруга Гала, пак е царицата на истоимената карта.

„Царица“

Картата „Љубовници“ ја „пресликува“ сликата од 16 век, „Нептун и Амфитрита“, на Јан Госарт, но митолошката сцена (се чини) е сместена и во Едемската градина, со змијата меѓу „Адам“ и „Ева“, која го обвиткува транспарентното „јаболко“ на гревот, низ кое се гледа ангелот поставен да го чува рајот од неговите избркани жители. Овој приказ на Дали ги вклучува и омилените му мотиви – гигантска пеперутка и цвет.

„Љубовници“

Сакајќи да внесе и зајадлив хумор во својот шпил, или пак да изрази став кој актер го преферира во ролјата на Џејмс Бонд : ), на картата „Цар“ уметникот го портретирал ликот на Шон Конери, наместо на Роџер Мур, кој првпат го играл агентот 007 токму во „Живеј и остави ги другите да умрат“.

„Цар“

Како и да е, продуцентот Броколи го заменил Салвадор Дали со уметник што буџетот можел да му го дозволи, а имено Шкотланѓанецот Фергус Хол. А ако сакате повеќе да го истражувате тарот шпилот на големиот надреалист, секако ќе го набавите, сосе книгата со објаснувања …

„Смрт“

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here