Микрoби има насекаде околу нас, на нас, во нас, и додека некои луѓе ги игнорираат, други толку се плашат од нив, што компулзивно мијат раце, и покрај тоа што опсесивно внимаваат да не допрат нешто што не мораат. Но, меѓу вторите дефинитивно не е уметницата Аманда Фингбодипакија (Amanda Phingbodhipakkiya). Таа, во соработка со микробиологот Ен Маден (која се застапува за „микробиолошки решенија за проблемите на луѓето“), креирала серија посветена на осум заедници микроби, користејќи скулптура и технологија; а за расветлување на тајните на успехот на микроорганизмите, со цел нивниот комплексен, невиден свет, да ѝ се доближи на нова публика (настрана од микробиолошките лаборатории).

Проектот резултирал со изложбата „Заедница на микроби“ (Community of Microbes), каде посетителите со своите паметни мобилни уреди можат во збогатена реалност (augmented reality – AR) да гo искусат животот во осумте невидливи, миркоскопски заедници, а во едно плодно вкрстување на уметноста и науката.

Како што вели организаторот на изложбата поставена во Њујорк, „Купер Јунион“ (The Cooper Union for the Advancement of Science and Art), се работи за „микроби, истовремено сосем присутни во нашите животи, но и натаму мистериозни, како, на пример, во пивото, кое се прави со микробот квасец. Презентираните заедници ја рефлектираат убавината на животот на едно од најмалите познати нивоа, и посетителите можат повеќе да научат за интеракциите на актерите во овие микроскопски комуни, и за тоа како овие екосистеми создаваат бенефити за луѓето.“

Кредибилитетот на уметницата Фингбодипакија во случајот доаѓа од нејзиниот двоен професионален идентитет: таа е и научница која ја истражува алцхајмеровата болест на Колумбискиот универзитет, но и уметница, што значи можност креативно да манипулира со комплексни идеи, на поттикнувачки начини. Што, како што може да се прочита во интервјуто кое со неа го направиле The Verge, многу врши работа за нејзината цел – сложениот свет на науката да го презентира за широка публика на што поприемчив начин.

„Уметноста и дизајнот од една страна, и науката од друга, се начините да се разбере светот“, вели таа во интервјуто.

Аманда Фингбодипакија

Нејзиниот премин од истражувачката лабораторија во уметничко ателје го поттикнал пациент во медицинскиот центар на Колумбискиот универзитет, кој ја прашал дали и со што придонел за науката.

„Прашањето ме збуни. Му реков да ја прочита нашата експликација, што е веројатно најлош одговор кој може да го дадеш како истражувач, зашто никој не сака да чита густо испечатен текст, ако не е истражувач или голем ентузијаст за наука. Тогаш почнав да барам алатки и стратегии за да станам подобар раскажувач, и да си ги подобрам комуникациските вештини. И тогаш се заинтересирав за дизајнот, зашто ти овозможува да комуницираш многу комплексни информации на навистина ‘сварлив’ начин, и да ги направиш истите достапни за многу широка публика.“

Фингбодипакија вели дека во нејзината работа се труди да понуди многу пристапни точки кон истата, па „ако дојдете на изложбата „Заедница на микроби“, можете да уживате само во боите и визуализациите. И ако не сакате да научите нешто за микробите, пак убаво ќе си поминете. Или, пак, можете да дојдете со намера навистина да научите за овие осум заедници, и да ги разберете.“

Уметницата, заедно со микробиологот Ен Маден ги избрала заедниците микроби со најинтересни приказни, во смисла на можноста да се оствари вид емпатија од страна на посетителите на изложбата; како и формите на микроби што би биле најинтересни за визуелно претставување.

„На пример, еден од микробите што често го има во нашите домови, Aspergillus (групата заболувања, аспергилоза, ги предизвикува мувла од овој микроб), се разгранува во навистина прекрасни форми што наликуваат на цвеќе. А луѓето се малку во заблуда кога мислат дека микробите се грозни. Затоа ставив слој технологија меѓу нив и изложеното. Зашто со AR не мораш да допираш ништо, а можеш да го искусиш, да го видиш, и тоа во 3D. Иако, микробите се секојдневно на тебе. И сакам луѓето да размислат за ова. Да го ценат тоа што микробите го прават за нив. Има добри бактерии. Тие ги убиваат лошите“, се зборови на Аманда Фингбодипакија.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here