Glenn Lowry

Водечкиот магазин за современа уметност, ArtReview (базиран во Лондон), на годишно ниво, почнувајќи од 2002 (значи веќе 17 години), го објавува многу влијателното рангирање на 100-те најмоќни луѓе во светот на уметноста – „The Power 100“. Деновиве објавената листа на најмоќните во 2019, верно ги рефлектира случувањата во годинава на изминување, давајќи им ‘за право’ на уметниците активисти, на антиестаблишмент движењата, на довчерашните ‘аутсајдери’.

„Во годината и во ерата обележана од нарушувања, протести и горчлив конфликт меѓу аутсајдерите и естаблишментот; што се води и околу прашањето кој треба да ја претставува културата, институциите се присилени да одговорат со уверливи аргументи или ризикуваат да го загубат значењето во процесите“, стои во заедничка изјава на уредниците на ArtReview.

Оттука, можеби изгледа противречно што 30-членото анонимно меѓународно жири, одлучило за најмоќен во светот на уметноста во 2019 да го прогласи човекот кој никако не може да се нарече антиестаблишмент, а имено долгогодишниот директор на MoMA (Museum of Modern Art), Glenn Lowry. Привидната контрадикторност во случајов ја разрешува потребата да му се оддаде признание на односниот, кој е олицетворение на естаблишментот; но, кој од оваа позиција ја спроведе експанзијата на супер-моќниот музеј, ‘тешка’ 450 милиони долари, а со амбиција целосно да ја ревидира музејската колекција, оддалечувајќи ја од традиционалното линеарно претставување на историјата на уметноста. MoMA често беше предмет на критики дека е фокусирана на северномерикански и европски уметници мажи, но сега (како што стои во објаснувањето од жирито), Glenn Lowry „ќе понуди поглобална претставеност на историјата на уметноста, и подобра застапеност во однос на разноликоста на уметниците кои работат денес, и низ декадите“.

Nan Goldin

Второрангирана на листата е „легендарната фотографка која ги сврте погледите кон етичноста на покровителството во уметноста“, Nan Goldin. Таа годинава ја предводеше кампањата против тоа музеите/галериите да примаат пари од семејството Sackler (сопственици на фармацевтската компанија Purdue Pharma, една од обвинетите во американската криза со опиоди/поради претерана употреба на лекови што содржат опиоиди). Кампањата поттикна широка дебата за етичноста на ваквата „филантропија“, и резултираше со тоа што галерии како National Portrait Gallery и Tate одлучија да не прифаќаат пари од семејството Sackler.

Високото рангирање на Nan Goldin се покажува како тренд на листата за 2019, зашто ваквите „преместувачи на моќта“ во светот на уметноста – кои воделе кампањи против долго и цврсто воспоставените структури на моќ, се осетно застапени.

Активистичката група воглавно базирана во Њујорк, Decolonize This Place, чии протести, на пример, го истуркаа потпретседателот на бордот на Whitney Museum, Warren Kanders (кој е извршен директор на компанија што произведува солзавец користен на границата на САД со Мексико), е на 19-то место. Но, веројатно највпечатливо влегување на листата (прво појавување и веднаш на 10-тото место) има индонезискиот ruangrupa колектив, кој ќе биде куратор на следната (во 2022) Documenta (важна изложба на современа уметност што се одржува еднаш во пет години во Касел, Германија), а кој „во потрагата по нови институционални модели во светот на уметноста, ги презентира креативните можности на колаборацијата, на општественото ангажирање и размена“.

Друг забележлив тренд во рангирањето на најмоќните во уметноста во 2019 е искачувањето на довчерашните „аутсајдери“. Така, aнонимниот уличен уметник Banksy по подолго време се враќа на листата на 14-тото место (додека, на пример, етаблираната ѕвезда Марина Абрамовиќ, која лани беше 74-та, сега воопшто ја нема). Неговиот ‘проект’/’трик’, со кој уништи свое дело на аукција на Sotheby’s, веднаш откако истото беше продадено, лани одекна и надвор од уметничките кругови, во пошироката јавност; но, без разлика на овој ‘антиестаблишмент’ потег, неодамна, во октомври, неговиот „Devolved Parliament“ се продаде за 12,1 милиони долари, а ваквата (супер-висока парична) вредност на уличната уметност уште поуверливо се потврди со „The Kaws Album“ на KAWS (кој сепак го нема на листата), што пролетоска ‘отиде’ за 14,7 милиони.

„Devolved Parliament“, Banksy

Во контекст на погоре кажаното, двајцата највисоко рангирани уметници во 2019 – втората на листата, Nan Goldin, и четвртата, Hito Steyerl, се активистки, а ги поврзува и „случајот семејство Sackler“. Имено, и Steyerl го нападна „љубењето“ на уметноста од видот што го практикуваат сопствениците на Purdue Pharma, нарекувајќи ја соработката на галериите со нив, „како брак со сериски убиец“. Германската уметница, гласна околу повеќе светски прашања, пред само една недела, на пример, повика на солидарност со Курдите на границата меѓу Турција и Сирија, велејќи дека не сака нејзините дела во државните германски колекции да бидат изложувани додека државата (Германија) поодлучно не почне да ја осудува турската агресија и користење на бегалците како средство за уцена.

Hito Steyerl

Целата листа „2019 Power 100“ можете да ја видите овде

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here