Кога пред нешто повеќе од една година, Christie’s продаде уметничко дело генерирано од алгоритам/вештачка интелигенција за 432.500 долари, што беше цена која над 40 пати ја надминуваше проценетата, имаше и најави дека на повидок е нов, исклучително потентен пазар за уметност. Но, се чини дека споменатата неверојатна сума, што е тешко достижна и за дела на познати уметници, луѓе, анонимниот купувач во октомври 2018 ја платил само зашто се работеше за прв, историски пример.

„Портретот на Едмонд Белами“

Имено, разочарувачките резултати во однос на постигнатите цени од петочната аукција (15 ноември), покажуваат или дека иновацијата на пазарот, со „креации“ од ‘машини’, беше „чудо за три дена“; или оти дистописката иднина во која на луѓето уметници „лебот ќе им го јадат“ ‘роботи’, е уште далеку.

Две дела од истиот париски колектив, Obvious, кој беше човечкиот фактор зад AI (artificial intelligence = вештачка интелигенција) „Портретот на Едмонд Белами“ (Portrait of Edmond Belamy), што лани го постави споменатиот рекорд, бледо поминаа на аукцијата на Sotheby’s – се продадоа или колку што беа проценети или одвај малку над тоа.

Двете дела се произведени на сличен начин како и „Портретот на Едмонд Белами“ – со користење вид алгоритми познати под акронимот GAN (generative adversarial network), кои членовите на Obvious ги ‘хранат’ со креативен материјал; како во случајот на серијата „Семејството Белами“ (Famille de Bellamy) (од која е дел „Портретот на Едмонд“), кога системот бил ‘нахранет’ со 15.000 скенирани портрети, насликани меѓу 14 и 20 век, од кои потоа алгоритмот генерирал нови портрети, базирани на формалните својства на внесените слики.

„Баронот Белами“

Поновата серија, „Електрични соништа“ (Electric Dreams), е создадена врз база на јапонскиот жанр во уметноста, укио-е; што во слободен превод значи „слики од минливиот свет“. Укио-е јапонска уметност од 17-тиот до 19-тиот век, кога инспирацијата и темите биле пронаоѓани во секојдневниот живот, додека уметниците се обидувале да ja ‘фатат’ минливоста на моментот, на убавината; сликајќи гејши, кабуки актери, сумо борци …

„Кацувака од лагуната на зората“

Ниту едно од делата на аукцијата на Sotheby’s не пристигнало директно од Obvious, туку биле дадени на консигнација од приватни колекционери кои претходно ги купиле од колективот (надевајќи се дека ќе си ги оплодат парите). Првото дело, „Баронот Белами“ (La Baronne de Belamy, 2018), што е од првата серија со претставници на виртуелното семејство Белами, било проценето на 20.000-30.000 долари; а второто, „Кацувака од лагуната на зората“ (Katsuwaka of the Dawn Lagoon, 2018), од серијата „Електрични соништа“ (испечатена на јапонската хартија „washi”), на 8.000-12.000 долари.

По помалку од 25 секунди наддавање, „Баронот“ се продал за 20.000 долари, додека за „Кацувака“ аукцискиот чекан чукнал на 13.000, односно на 1.000 повеќе од проценетото.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here