Францускиот уличен уметник JR го презентираше својот нов проект, сместен на необична локација – во затвор со максимално ниво на безбедност во јужна Калифорнија. Проектот се вика „Tehachapi“, по истоимениот град (160-тина километри северно од Лос Анџелес) каде што се наоѓа Калифорниската корективна (казнено-поправна, ‘по нашки’) институција (California Correctional Institution – CCI), чии сегашни и поранешни затвореници биле фотографски портретирани од JR и неговата екипа, па од фотографиите бил направен колажот за новиот мурал на уметникот.

Монументалното уметничко дело ‘во живо’ може да се види само одозгора, од птичја перспектива, но повеќе нуди разгледувањето преку апликацијата JR:murals. При ваквата виртуелна посета може да се ‘кликне’ не секој од затворениците на дигитализираната слика, и да му се слушне приказната раскажана со негови сопствени зборови.

„Tehachapi“ во апликацијата JR:murals

Идејата за проектот, на JR му ја дал некој негов пријател:

„Ме праша дали сакам да направам нешто во затвор“, имајќи предвид дека „има затвореници кои се зад решетки од детска, 14-15-годишна возраст, а ќе бидат тука доживотно“.

„Повеќето од нив не убиле никого, а тука се поради законот за три престапи (според законот доволни се и три кражби за пресуда со доживотен затвор). Ќе ти го украдам телефонот, ќе ти ја украдам колата, а веќе сум имал кривично дело, и ќе добијам доживотна. Сега законот е сменет, но овие момци се сѐ уште заглавени тука“, вели JR.

Составен од 338 хартиени ленти, „Tehachapi“ е сличен на проектот на JR од Лувр пролетоска („Тајната на големата пирамида“), кој се простираше на 17 илјади квадратни метри, создавајќи оптичка илузија околу луврската стаклена пирамида. Лентите за „Tehachapi“ биле аплицирани од субјектите на фотографијата – вклучувајќи ги и поранешните затвореници кои се вратиле во установата првпат откако излегле на слобода – заедно со затворскиот персонал и тимот на уметникот, а сето било завршено за одвај неколку часа. Финалната фотографија на проектот е направена од дрон.

Ова е четврто монументално мултимедијално дело на JR креирано за апликацијата JR:murals, а оваа форма ја претстави лани со специјален извештај во TIME магазинот за вооруженото насилство во Америка, по што следеа два масивни мурали и изложби во Бруклинскиот музеј и Музејот на модерна уметност во Сан Франциско, од кои двата целеа да понудат интерактивни портрети на жителите на односните градови.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here