Неодамна големиот Мартин Скорсезе изјави дека филмовите за суперхероите не ги доживува како кинематографија, туку повеќе го потсетуваат на тематски паркови, во смисла оти се направени да бидат исто толку уверливи, со актери кои го прават најдоброто што можат во околностите:

„Тоа не се филмови за човечки суштества кои се обидуваат да пренесат емоционални, психолошки искуства на друго човечко суштество“, се зборови на Скорсезе, кој набрзо доби поддршка од друга неприкосновена филмска големина, Френсис Форд Копола.

Последниот отиде и понатаму, велејќи дека филмовите за суперхероите (конкретно од портфолиото на Marvel) „заслужуваат презир“:

„Кога Скорсезе вели дека филмовите на Marvel не се кинематографија, тој е во право, зашто очекуваме нешто да научиме од филмот, да добиеме нешто, некое просветлување, знаење, инспирација … Не знам дали некој добива нешто од гледањето на истиот филм цело време, одново и одново. Мартин беше љубезен кога рече дека тоа не кинематографија. Не рече дека (овие филмови) заслужуваат презир, но јас велам дека е така.“

Ова се силните акценти од тековната жешка дебата за суперхеројскиот жанр, но во BBC деновиве се сетиле дека со ставови кои одат подлабоко од оценка на филмската издржаност на филмовите на Marvel и сличните, се произнел уште пред две години писателот Алан Мур, креаторот на култниот стрип серијал „Watchmen“ (чија публика одново се зголеми со актуелната серија на HBO базирана на стрипот, а креирана од Дејмон Линделоф, кој ни е во одлично сеќавање како кокреатор на „The Leftovers“, и особено на „Lost“).

Мур во интервју од 2017 за бразилскиот весник Folha de S.Paulo (кое во целост го објави веб-сајтот Alan Moore World), вели дека суперхероите се сосем во ред како тема за содржини за 12-13 годишници, но оти е проблем кога се фасцинација на возрасните.

„Мислам дека влијанието на суперхероите врз популарната култура е и многу срамно, и загрижувачко“, се зборови на писателот и на „V for Vendetta“, „Batman: The Killing Joke“, „From Hell“, …

Мур смета дека „суперхероите се перфектно соодветни за стимулирање на имагинацијата на помладата, 12-13 годишна публика, но оти денешните франшизирани ‘надлуѓе’ се во служба на некоја друга функција, и задоволуваат поинакви потреби“.

Според него, возрасните уживаат во суперхеројските филмови зашто не сакаат да ги остават зад себе нивните „релативно спокојни детства“, од спокојниот 20-ти век.

Континуираната популарност на жанрот меѓу возрасните, според Мур сугерира „еден вид намерна, самонаметната состојба на емотивно апсење, во комбинација со зашеметената состојба на културен застој, за која сведочат стриповите, филмовите, популарната музика, целиот културен спектар“.

Проширувајќи ја својата критика и врз креаторите, тој вели дека „суперхероите воглавно ги пишуваат и цртаат луѓе кои никогаш не застанале цврсто во одбрана на своите права, против компаниите што ги ангажираат“; поради што му изгледа дека тие се „главно вработени како компензатори на кукавичлукот, наликувајќи на пиштол на ноќно масиче“.

Мур во интервјуто ја потенцира малата застапеност во индустријата на не-белите ликови (и не- белите креатори), односно, оти „стриповите и иконичните ликови се сѐ уште во голема мера соништа на белите супрематисти за раса на господари“.

Што се однесува на овој дел од критиката, Marvel во јули, а за следната фаза од својот филмски универзум (наречена „Фаза 4“), најави дека фановите ќе ги добијат и првиот глув, првиот Американец со азиско потекло, и првиот деклариран геј, суперхерои.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here