Деновиве, Американското друштво за микробиологија (American Society for Microbiology – ASM), ги објави победниците на овогодинешниот, петти по ред натпревар во „агар уметност“ (Agar Art Contest) (агар е желатинозна супстанца што се добива од црвени алги, а се користи, покрај останатото, и како медиум/храна за размножување на микроорганизми во Петриеви садови во лабораториите), на кој учествувале 347 дела од 415 уметници од дури 43 држави. Се работи за уметници кои „сликаат“ манипулирајќи го развојот на разнобојни микроорганизми на агар плочи (или Петриеви садови), за да добијат комплексни уметнички дела.

Натпреварот во агар уметност првпат случен во 2015, со ова вкрстување на науката и уметноста, цели да ја заинтересира пошироката публика за микробиологијата, предочувајќи ги убавината и разновидноста на светот на микробите.

Претходниве четири години, можност за вакво креативно изразување имале само научниците, членови на друштвото (ASM), но годинава натпреварот бил отворен и за сите други со желба да учествуваат. При оценувањето на делата, комисијата од научници и биоуметници ја земала предвид креативноста, умешноста на дизајнот, научната прецизност на објаснувањата (на делата), и нивната разбирливост во однос на широката публика.

Победникот во категоријата „Професионалци“ е „Навидум едноставна елеганција“ (Seemingly Simple Elegance) на Арва Хадид, која е студент на Универзитетот Оукленд. Сцената со цвеќе (лотос) и риба (јапонски крап – кои), ‘оживеана’ со девет вида микроорганизми, Хадид ја одбрала за да го долови чувството на спокој и медитативност, што самата го имала на работа, во лабораторијата.

„Навидум едноставна елеганција“

Автопортретот, „Мој жив портрет“ (My Living Portrait), на, исто така, студентот Кори Ејбрам, кој ги искористил бактериите serratia (за да ја добие црвената боја) и micrococcus (за жолтата), го освоил првото место во категоријата „Создавач“ (Maker), за која се квалификуваат луѓе над 13-годишна возраст, кои не се професионални научници или биоуметници (што работат со живи организми).

„Мој жив портрет“

Во детската категорија победник е Кејт Лин, со делото „Круг на животот“ (Circle of Life); слика што ја направила со escherichia coli трансформирана со флуоресцентни протеини. Идејата на делото е потенцирање на взаемната поврзаност на растенијата, животните и миркоорганизмите.

„Круг на животот“

Победник во категоријата „Награда од публиката“ (People’s Choice Award), што ја добива дизајнот со најмногу „лајкови“ на Facebook, е „Унгарската народна уметност“ (Hungarian Folk Art) на Зита Поштени, микробиолог од Унгарија. Таа употребила пет бактерии: escherichia coli (задолжена за розовата боја), enterococcus faecalis (тиркизна), acinetobacter junii (жолта), klebsiella pneumoniae (сина) и citrobacter freundii (виолетова).

„Унгарска народна уметност“
„Понеделници како овој …“

И, понеделнички, ќе го издвоиме делото на Унгарката Андреја Хеја, која го освоила третото место во категоријата „Создавач“, а го искористила „Вресокот“ на Едвард Мунк за да го добие изразот соодветен на името на нејзината слика: „Понеделници како овој …“ (Mondays like these…).

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here