Донеодамнешниот министер за внатрешни работи на Италија и лидер на десничарската партија „Лига“, Матео Салвини, е згрозен од скулптура/инсталација поставена на изложба во Неапол. Скулптурата со наслов „Забавата заврши!“ (La pacchia è finita! – фраза што Салвини често ја употребувал во своите говори), на уметникот Салваторе Скуото (Salvatore Scuotto), го прикажува Салвини како пука во двајца мигранти – зомбија, со пиштол од кој излегува знаменце со пораката „Играта е завршена“ (game over), а во другата рака политичарот, индикативно држи бројаница со крст.

Ако ви е потребен контекст, од Салвини, кого и американскиот актер Ричард Гир го нарече „мал Трамп“ (baby Trump) зашто ја има „истата, очигледна неграмотност и радикалност, и го искористува стравот и омразата кај луѓето“, стравуваат многу Италијанци. Неодамна тоа кулминираше со движењето „Сардини“ (организаторите повикуваат на одзив на нивните протести со густина на сардини во конзерва), кое во Болоња собра 15.000 луѓе на плоштад карши салата каде салвиниевата „Лига“ имала митинг.

„Сардините“ сметаат дека се „последната брана пред популизмот“, во отсуство на целисходна реакција од партиите контра Салвини и неговата десничарска, чисто лукративна, а брендирана како антимигрантска политика.

Неслучајно мигрантите – како политичка тема на која инсистира и од која профитира Матео Салвини, се метата на споменатата скулптура. Протагонистот на истата, додека беше министер за внатрешни, ги затвори италијанските пристаништа за бродови на невладини организации, поради што против него има и официјално обвинение (поради тоа што не дозволил пловило на невладина организација со 164 мигранти, 20 дена да влезе во некое од италијанските пристаништа, Салвини е обвинет за своевидно грабнување на луѓе – задржување против нивната волја, и загрозување на нивните животи/здравје со непружање помош).

А уметникот Салваторе Скуото, со уметничко име MoraleS, вака ја објаснува скулптурата „Забавата заврши!“:

„Измрцварен сум, и сѐ што чувствувам, вложив во оваа скулптура. Кога ме поканија на изложбата не сакав да учествувам, но потоа најавив дека намерно ќе креирам нешто вознемирувачко.“

MoraleS, сепак, стравува дека отишол и предалеку …

„Додека ја поставував инсталацијата, гледајќи ја, си реков: ‘Што направив?’ Но, наместо да запрам, отидов до дното на идејата што ја имав.“

Салваторе Скуото „MoraleS“

„Кога почнав да работам на делото, Салвини уште беше министер за внатрешни. Сакав да го прикажам како големо момче кое игра видео игра со зомбија, како што може и да се види од деталите на пиштолот, што намерно е со несразмерна големина. Сакам да порачам дека неговата политичка порака е детинеста, како да сме постојано во конзола за играње, и мораме да ги идентификуваме непријателите и да ги елиминираме“, вели уметникот кој политички се идентификува како анархист – не ѝ верува и на левицата, зашто е „премногу млака“.

Жестокиот, пак, напад на делото на MoraleS, од устата на Матео Салвини, гласи:

„Што ќе направат следно за да си ја зголемат популарноста, каква гадост? ‘Скулптурата’ што ме претставува мене додека пукам во имигранти е обично ѓубре, и е поттик за омраза и насилство, а не уметност“.

Матео Салвини

Инаку, односното дело е дел од групната изложба „Virginem = Parthena“, отворена на 23 месецов, во галерија (Nabi Interior Design) во Неапол.

„Нишката што ги поврзува овие дела не е само проблемот со имиграцијата, туку, над сѐ, загрижувачкиот фашизам што ја прави односната драма крајно нехумана“, стои во објаснување од организаторот.

А следи галерија од другите „антидесничарски“ дела од изложбата „Virginem = Parthena“ …

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here