На секои три години, во Скопје имаме можност да видиме пресек од создаденото во односниот период од млади уметници–графичари, нивни професори и ментори, а во рамките на Графичката работилница „Софија“ од Богданци. Вчеравечер, во Музејот на град Скопје, беше отворено четвртото графичко триенале, со над 120 графики произлезени од работилницата, од годинава, од лани и полани. Разговарајќи со некои од посетителите на настанот, се пресретнавме во впечатокот дека сѐ појасно се гледа оти Графичката работилница „Софија“ е внимателно негуван културен производ, што не случајно станува сѐ поголем бренд не само во земјава, туку и во регионот.

Основана во 2008, веќе дванаесетта година работилницата ги мобилизира домашните и регионалните млади графички сили, привлекувајќи ги со одличните услови и квалитетната опрема за работа, под менторство на авторитети од графичката уметност; успевајќи графиката да ја извлече од извесната сенка во која инаку запаѓа.

Графичката работилница „Софија“, како што кажавме, има меѓународен карактер, а е отворена во текот на целата година, со тоа што најзначајниот нејзин настан – главната сесија – секогаш се одржува на крајот на август. На оваа сесија учествуваат студенти на додипломски и постдипломски студии од факултетите за ликовна уметност од регионот, избрани по препорака на професори од односните академии; и досега свој печат (и во буквална смисла : ) во работилницата оставиле над 200 уметници од земјава, како и од Словенија, Бугарија, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Грција, Полска.

Визијата на организаторите е да се создаде мрежа од млади уметници што ќе функционира и пошироко од временските рамки на главната сесија, како една континуирано достапна платформа за взаемна соработка и размена на искуства, со цел подобрување на вештините на младите графичари и освежување на креативноста.

Ментори на главните сесии од трите последни години на Графичката работилница „Софија“ се Тони Васиќ (2017), Слободан Радојковиќ (2018) и Марио Чаушиќ (2019). Професорот Васиќ, заедно со националниот координатор за култура, Роберт Алаѓозовски, се обрати и на отворањето на „Графичко триенале 4“, а покрај графиките, на изложбата може да се видат и две скулптури од неодамнешниот гостин во нашата рубрика „Ликови“, Илија ‘Ико’ Каров.

Во продолжение погледнете некои од изложените графики на триеналето …

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here