Тукушто заврши стримингот во живо на кабуки верзијата на „Војната на ѕвездите“ (Star Wars), од нејзиното единствено поставување; и, ќе се сложиме со претходно дадената изјава на актерот во главната улога, еден од најомилените на Јапонците, Ичикава Ебицо, дека станува збор за „претстава во која подеднакво ќе уживаат и фановите на „Стар Ворс“ и на традиционалниот јапонски театар“. Ние сме фанови на филмовите од франшизата – познавачи на кабуки театарот не сме, но уживавме и од двата аспекти.

(Сликите се скриншотови од стримингот)

Ебицо, претставата што тукушто ја одгледавме (достапно е ‘репризно’ стримување – дејствието почнува нешто после четвртата минута), ја најави како „приказ на сагите за љубовта и загубата во семејството Скајвокер, што се протегаат повеќе од 40 години наназад.“

Инаку, кабуки адаптацијата на „Стар Ворс“ е во продукција на јапонското претставништво на „Дизни“, и трае(ше) педесетина минути; а го понуди она што од површното познавање на овој вид театар го знаеме – одлична кореографија со високо стилизирани движења, бело обоени и силно нашминкани лица, традиционална јапонска музика/ефекти; додека во рацете на актерите самурајските мечеви беа стилизирани како лајтсејбери и неколкупати прозвучи и „Стар Ворс темата“ на Џон Вилијамс …

Во претставата што се вика „Војна на ѕвездите – кабуки: Кајло Рен и три лајтсејбери“, главниот протагонист (Кајло Рен) го игра споменатиот Ичикава Ебицо, кој е единаесетти директен наследник на славното во Јапонија кабуки презиме, Ебицо. Самиот Ичикава е голем фан на „Стар Ворс“, и како таков бил вклучен во пишувањето на сценариото и осмислувањето на кореографијата.

Ичикава Ебицо како Кајло Рен

Секако, проектот има за цел да ја најави премиерата на последниот филм од новата „Star Wars“ трилогија – „Враќањето на Скајвокер“ (The Rise Of Skywalker), а податливоста за кабуки адаптација на настаните случени „многу одамна во галаксија далеку, далеку оттука“, ја дава и сето она што Јапонија ѝ го позајмила на „Војната на ѕвездите“: Џорџ Лукас има зборувано за влијанието на Акира Курасава; кодексот и посветеноста на „светлата страна“ на џедаите може да се споредува со самурајското бушидо; шлемот на Дарт Вејдер лесно може да се замисли како шлемовите на припадниците на кастата воини во феудална Јапонија.

И Џеј Џеј Абрамс, кој е режисер и на претстојниот филм, а го потпиша и „Будењето на силата“ (The Force Awakens) каде првпат се појави Кајло Рен, има изјавено дека напукнатата маска на синот на Хан Соло и Леа е инспирирана од јапонската уметност кинцуги, односно од репарирањето на керамички предмети со лепак помешан со злато, за се потенцираат, наместо да се прикриваат пукнатините.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here