„Идеите се хаотичен бизнис во кој има слепи улици, погрешни свртувања и ‘фалш’ почетоци. За да го разбереме светот на идеите, во 2018 го креиравме првиот „WeTransfer Ideas Report“, прашувајќи 10.000 креативци за тоа како, кога и каде ги добиваат најдобрите идеи“, пишуваат од веб-сервисот за префрлање на големи фајлови, WeTransfer, претставувајќи го својот втор, нов, овогодишен извештај, каде одат понатаму со анализите на темата.

И бидејќи „добивањето идеја е само половина од битката“, односно само „почеток на вистинската работа“, за потребите на вториот извештај анкетирале двојно повеќе (20.000) креативци од речиси сите држави, прашувајќи ги како ги негуваат/развиваат своите идеи. За да дојдат до четири клучни наоди во контекстот, од WeTransfer поставиле четири соодветни прашања.

Првиот увид од извештајот е ‘крстен’: „Идеи, ви требаат повеќе отколку што мислите (многу повеќе)“, а истиот вели дека наспроти конвенционалната ‘мудрост’ оти сѐ зависи од тоа дали сте креативна личност или не – дали размислувате ограничено или „надвор од кутијата“, реалноста е дека одлучува бројката на идеи што сте способни да ја генерирате.

Повеќето луѓе (72%) искористуваат помалку од половина од идеите што ги имаат, вели извештајот, а приближно еден од пет луѓе користи помалку од 10% од своите идеи. Оттука, во WeTransfer извлекле заклучок дека колку повеќе идеи се има, вклучувајќи ги и неквалитетните, поверојатно е оти ќе се стигне до една што е многу вредна. Во уредничкиот есеј, креаторот на „Ideas Report“, Роб Елдерсон, ја објаснува оваа логика повикувајќи се на научно истражување:

„Во 2009, истражувачи од INSEAD (бизнис школата) и Wharton (школата на Универзитетот на Пенсилванија – Penn), направија студија наречена „Генерирање на идеја и квалитетот на најдобрите идеи“ (Idea Generation and the Quality of the Best Ideas). Тие ги поделиле студентите во различни групи и им дале задача да смислат идеи за нови производи, чиј квалитет (на идеите) бил оценуван врз база на иновативноста на истите. И наодите беа прилично јасни. Групата што имала повеќе идеи имала и подобри идеи. Што е и логично – колку е поголема количината од која избираш, толку е посилна конкуренцијата и се крева стандардот за идеите што ќе поминат во следната фаза. Или, како што велат авторите на извештајот, петте највисоки луѓе во град со милион жители, ќе бидат повисоки од петте највисоки луѓе во град со 10.000 население. Но, истражувачите ја потенцирале и важноста на разновидноста, односно на распонот на идеи ширум квалитативниот спектар. Како што пишуваат, екстремите се она што е важно, а не просекот или нормата … Во потрага по иновација, организација/компанија би преферирала 20 неквалитетни идеи и една извонредна, наместо 21 ‘само’ добри идеи.“

Вториот наод од извештајот („Верувајте ѝ на вашата интуиција, вие најдобро ги знаете вашите идеи“) е произлезен од одговорите на прашањето: „Како одлучувате дека одредена идеја е вредна за да се работи на неа?“; на кое самоуверените (31%) одговориле „едноставно знам“; порационалното мнозинство (47%) рекло дека одлуката ја базира на истражување, а храбрите (5%) оти одлучуваат врз база на реакциите откако ќе ја споделат идејата на социјалните медиуми. Тука се и 18%, кои за целта се консултираат со семејството, со пријателите и колегите.

Третиот увид („Правењето пари има смисла само ако планетата е сѐ уште тука“) е добиен од одговорите на прашањето: „Кои прашања си ги поставувате кога размислувате дали да оживеете одредена идеја?“, а одговорите се дека 52% од креативците се прашуваат дали идејата им е оригинална, 40% дали е актуелна и релевантна, 27% дали ќе го направи светот подобар, 26% дали добро ќе ја наплатат.

Четвртиот увид препорачува „Помалку состаноци, повеќе мислење“, а е во однос на прашањето: „Што најмногу ви го одвлекува вниманието при создавањето креативни идеи?“. Најголем дел, 42%, одговориле дека ги попречуваат работните обврски; на 27% вниманието им го одвлекуваат финансиски грижи, на 26% социјалните медиуми, на 12% нивните партнери, на 11% нивните деца и пријатели …

Целиот извештај можете да го погледнете овде

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here