Кога уметникот со второ најскапо продадено дело на сите времиња (меѓу продадените од живи уметници), Дејвид Хокни, увидел дека може да креира уметнички дела на iPhone, покрај од откривањето на можностите на новата алатка/медиум, бил воодушевен и од погодноста да може да работи без да го напушта комфорот на својот кревет.

Меѓу 2009 и 2012, од неговиот тогашен дом во Јоркшир, Хокни ги ‘фаќал’ менувањата на годишните времиња, краткотрајните природни феномени видени низ прозорецот на неговата куќа; прво со смартфонот на Apple, а потоа и со таблет од истата марка.

Селекција од 120 од овие слики направил дизајнерот Ханс Вернер Холцварт (Hans Werner Holzwarth; познат по дизајнирање и уредување книги за уметност), кој соработувал со Хокни на изданието на Taschen, „David Hockney: A Bigger Book“ (2016); најголемата книга посветена на уметноста на овој, еден од највлијателните британски уметници на нашето време (издавачот книгата ја нарекува „сумо“, зашто на речиси 500 страници се опфатени 60 години творештво); и додека истражувал за оваа монографија, налетал на сликите од „ајфонот“ на уметникот, што го воодушевиле, а веднаш го видел и потенцијалот на нивното објавување како колекција.

Од „David Hockney: My Window“

Новата книга, „Дејвид Хокни: Мојот прозорец“ (David Hockney: My Window), ќе биде достапна под етикетата на Taschen следниот месец (јануари 2020), а редакторот Холцварт верува дека „сликите ќе зборуваат за себе“, имајќи предвид оти во изданието покрај делата стои само бројка, плус датумот и ‘алатката’ (iPhone или iPad) на креирање. Единствениот текст во книгата е краткиот предговор од самиот Хокни:

„’Мојот прозорец’ ги опишува цвеќињата и изгрејсонцата во Бридлингтон, Источен Јоркшир. Почнав на iPhone во 2009 … голема предност на овој медиум е позадинското осветлување, па можев да цртам и во темница. Дури и не требаше да станувам од креветот. Сѐ што ми требаше, беше во ‘ајфонот’“, пишува Хокни, додавајќи дека ако на телефонот можел да црта само со палецот, на таблетот (iPad) користел стилус, што му овозможило „да додаде повеќе детали“.

Од застапените во монографијата, 44 слики биле креирани на iPhone, а останатите на iPad. Како што забележува и Холцварт, видлива е разликата меѓу сработеното со палец и со стулус, а него особено го воодушевиле деталите како линиите во кои прска светлината низ ролетни, капките дожд на прозорците и далечните светла во ноќните пејзажи.

Холцварт вели дека монографијата што излегува следниот месец, со својата нарација низ 120-те дела, не може да се споредува со досегашните објави на одредени слики од iPhone/iPad серијата, направени во друг контекст:

„Ова е вид на ‘скечер’ … Хокни скицира/црта секојдневно. За него, прикажувањето на светот е момент што не престанува. А iPhone/iPad е перфектен медиум за целта“.

Во продолжение погледнете ја галеријата со цртежи на Дејвид Хокни направени на iPhone/iPad…

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here