„Некогаш ефемерни – насликани на ѕидови или возови само за да бидат избришани, графитите се одмаздија станувајќи меинстрим. Но, за да може целосно да се цени моменталната позиција на движењето, суштествено е да се знаат и разберат делата на првите графити уметници, кои почнале да се тагираат во њујоршкото метро во раните седумдесетти“, е ставот со кој задутре (5-ти декември) во Мајами ќе биде отворен првиот музеј во светот ексклузивно посветен на еволуцијата на графитите како уметничка форма (секако, споменатиот став е дополнително поткрепен и од цените во последно време за делата на Banksy или KAWS што го потресуваат светскиот пазар на уметноста, и им предизвикуваат чешање на дланките дури и на најконзервативните инвеститори на истиот, кои вложуваат/се обложуваат на уметници што ‘до вчера’ ги сметале за ‘ефемерна’ појава, надвор од историјата на уметноста).

„Музејот на графити“ (Museum of Graffiti) е основан од Ален Кет, кој и самиот е графити уметник, колекционер, историчар и автор на книги за оваа уметничка форма, и Алисон Фрајдин, адвокатка од Мајами која застапува повеќе улични уметници. Двајцата одлучиле „педесет години подоцна (од почетоците на графити уметноста во раните седумдесетти) да создадат музеј што ќе ја зачува историјата на графитите и ќе ги слави нејзините пројави во дизајнот, модата, светот на рекламите и галериите“.

Го сместиле во Винвуд, делот од Мајами кој претходно бил „заспана индустриска зона“, а откако на неговите ѕидови последнава деценија се изразиле илјадници улични уметници, станал поклоничко место за љубителите на односната уметност.

„Возрасните сѐ уште не ги разбираат доволно графитите. Уште додека бев дете сонував за вакво место (музеј на графити), и чекав возрасните да го создадат“, се зборови на Ален Кет.

Мисијата на музејот, што со соосновачката Фрајдин ја поставиле пред две години – веднаш штом се запознале, е „да едуцира, изложувајќи ги и славејќи илјадниците улични уметници кои ги трансформираат ѕидовите на нашите јавни простори во ремек-дела со набиена енергија“.

За почеток нарачале 11 мурали со кои признати улични уметници ја оплемениле фасадата на зградата на музејот, во чија внатрешност е постојаната поставка што ја мапира над 50-годишната историја на движењето; преку графити, скулптури, инсталации, и реликвии како фотографии од одамна избришани мурали и старински лименки со боја (спрееви) од познати уметници.

„Посетителите ќе можат да научат повеќе за некои од првите графити уметници, како PHASE 2, Blade (познат и како „Кралот на графитите“, кој меѓу 1972 и 1982 креирал дури над 5.000 парчиња улична уметност во Њујорк), Lee Quiñones; како и за најбитните автори од осумдесеттите, вклучувајќи ги Lady Pink, Futura и Sonic …“

Две дополнителни галерии се обезбедени за изложби на современи графити уметници, а музејот има и продавница за сувенири – играчки, облека и други меморабилии дизајнирани од ѕвездите на уметничката форма.

За основачите, поставувањето на графитите во постојана изложбена поставка не е спротивно на духот на оваа уметничка форма:

„Секогаш кога ќе го слушнам зборот ‘ефемерно’, велам дека ефемерноста на графитите е резултат на опресијата на која се изложени уметниците. Од перспектива на графитите, нашата уметност не треба да биде избришана, префарбана. Сакаме да трае засекогаш“, вели Кет.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here