Герхард Рихтер

Сите ние знаеме да фрламе во ѓубре сѐ уште употребливи работи, што нам не, но на некој друг можеби му требаат, па ако ги најде, одлично, имаме случај на спонтано рециклирање. Но, не е таков случајот што се разјаснува на суд во Келн, околу неколку скици кои еден од најскапите живи уметници, Герхард Рихтер, ги фрлил во канта за ѓубре пред неговата куќа. Овие дела, од кои Рихтер сакал да се ослободи зашто очигледно не бил задоволен од нив, ги нашол во ѓубрето човекот кој е обвинет во случајот, и се обидел да ги продаде. Во април, судот пресудил дека односниот е виновен за кражба, поради што требало да плати 3.150 евра казна, но деновиве процесот продолжил со разгледување на жалбата на неговата одбрана.

Славниот уметник дознал за можната измама со негови дела кога подоцна обвинетиот се појавил во „Архивата на Герхард Рихтер“ (Gerhard Richter Archive) во Дрезден, со барање да се утврди автентичноста на скиците.

Пред судот „крадецот“ се бранел дека ѓубрето на Рихтер било растурено од ветрот, и тој, „сакајќи да направи добро дело“, ги собрал отпадоците за да ги врати во кантата. Но, притоа нашол четири дела со големина на поштенски картички – фотографии врз кои било интервенирано со маслени бои …

Обвинетиот со својот адвокат (фото: Дојче пресе агентур – ДПА)

Две од најдените скици понудил на аукциска куќа од Минхен, но таа побарала доказ за нивната автентичност од споменатата архива на Рихтер. Таму (во архивата) веднаш увиделе дека сликите се на уметникот со чие творештво се занимаваат, но ги изненадило тоа што немале ниту потпис, ниту биле врамени. Затоа не поверувале на приказната дека човекот сликите ги добил од уметник, кому наводно му ги подарил лично Рихер, зашто, како што велат од архивата, „тој никогаш не би дал свои слики во ваква состојба“.

Судот, без разлика што сликите немаат вредност на легалниот пазар за уметност (бидејќи не им е потврдена автентичноста), сепак заклучил дека би можело солидно да се наплатат на ‘црниот’ пазар. Иако скиците лежеле покрај канта за ѓубре, тие и натаму биле сопственост на уметникот, е резонот на судот, а фрлајќи ги, сликарот „ги предал на компанијата за комунална хигиена со цел да бидат одложени на отпад“.

„Крадецот“, кој е невработен педесетгодишник, не се гледа себеси како крадец и криминалец, а самиот Рихтер не бара тој да биде казнет, туку изјавил оти само сака спорните дела да бидат уништени, и да му се врати мирот.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here