На тековното издание на големиот саем за уметност Art Basel, што се одржува во Мајами (5 – 8 декември), „неочекувано“ внимание привлекува најголемиот ‘пренкстер’ на односниот пазар, Маурицио Кателан, и тоа со дело кое всушност е обична банана, залепена на ѕид во галериски простор, со самолеплива лента. Тежина на веста ѝ дава податокот дека две вакви банани се веќе продадени по цена од 120.000 долари за парче.

Како што објаснува францускиот галерист Емануел Перотан (Emmanuel Perrotin), кој на саемот го презентира ова дело наречено „Комичарот“ (Comedian), а веќе над 25 години го застапува Кателан, првиот купувач била Французинка, а втората банана отишла, исто така по национална линија, кај Французин. Дамата и претходно имала добри искуства како муштерика на галеријата Perrotin, но сега првпат купила дело на италијанската уметничка ѕвезда.

По втората продажба, Перотан искомуницирал со уметникот, со кој се сложиле да ја подигнат цената на 150.000 долари за третото издание на делото, кое ќе го купи музеј, зашто две вакви институции веднаш пројавиле интерес.

Без разлика на пренктерската репутација на Кателан, галеристот тврди дека од „Комичарот“ не треба да се очекува шега, зашто секој аспект од делото бил анализиран; од формата на овошјето, до аголот меѓу бананата и парчето самолеплива лента со кое е залепено за ѕидот …

Погоре споменатото изненадување од интересот што го побудува „Комичарот“, Перотан го образложува со отсуството на каква и да е претходна реклама за истиот.

Маурицио Кателан на идејата (за „Comedian“) работел речиси една година, прво креирајќи верзии во бронза и смола, за кои имал чувство дека нешто им недостасува:

„Дури и кога ќе отпатував некаде ја поставував бананата на ѕид. Не можев да смислам како да ја довршам. На крајот, еден ден се разбудив и си реков: ‘Бананата би требало да биде банана’“, изјавил Кателан за artnet News.

Иако не сакал да зборува за значењето на делото, рекол дека бил инспириран од пренатрпаноста со слики во галериите во последно време: „Не сум во Мајами, но сигурен сум дека саемот е полн со слики. Мислев дека можеби банана би била солиден придонес!“

Цената од 120 илјади долари, Кателан и Перотан ја одредиле според критериум што барал баланс меѓу некоја безначајна бројка што ќе го тривијализира делото, и откачена, смешно висока сума.

Галеристот не стравува од опасноста некој да го украде делото поради неговата висока цена. Шегувајќи се вели дека резервна банана има во секое време, а сериозно објаснува оти без авторизацијата од Кателан делото не е ништо повеќе од обична банана што може да се купи на пазар. Перотан додава и дека обезбедувањето купувач(и) било неопходно за проектот да се заокружи како уметничко дело:

„Кај дело од овој вид, ако не го продадеш, тоа не е уметничко дело.“

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here