Од проектот „Russian Ferations“ на Posthuman Studies Lab

Светските музеи одамна – откако уметници зачестено експериментираат со интернетот и дигиталните медиуми – се обидуваат ‘да следат’, за да не станат традиционални институции што го загубиле монополот на места на кои може да се најде значајното од светот на визуелните уметности.

Тука и „Garage“, музејот на современа уметност од Москва, основан од колекционерката Даша Жукова, и нејзиниот тогашен сопруг, милијардерот Роман Абрамович, го гледа својот иден пат.

За целта ја стартува „Garage Digital“, новата програма што ќе им овозможи на нејзините куратори да купуваат/нарачуваат нови дигитални уметнички дела и да им дадат историски контекст на постарите.

„Поврзувајќи ги уметниците, научниците, програмерите и историчарите на уметноста, Garage Digital цели да ги истражи и поддржи новите јазици на визуелната култура што се појавуваат под влијание на напредните технологии и новите медиуми, во секојдневниот живот и во уметничките и истражувачките практики (…) Garage Digital ги акумулира искуствата од студирањето на современите, дигитално родени уметности, како производ на новиот начин на мислење и живеење“, стои во објаснувањето на главната кураторка на новата програма, Катја Иноземцева.

Од „Those Who“ на Sascha Pohflepp

„Размислувајќи на темата, стигнавме до идејата за некој вид беспросторност, дигитално лимбо, каде новата уметност може да егзистира и да биде видена. Ова се базира на логиката на ‘фидот’ (web feed), и е согласно законитостите на општото искуство на секој што користи смартфон со интернет конекција. Garage Digital нема намера да креира дигитално гето или ‘музеј на интернетот’. Ние само реагираме на трансформираната врска меѓу физичките и дигиталните реалности.“

Русија е особено погоден дом за проектот, ако се има предвид историјата на државата со дигиталната уметност. Во текот на деведесеттите, многу од најзначајните дела на net.art движењето (составено од група интернет уметници) беа со руски ‘потписи’, како оние на Оља Љалина и Алексеј Шулгин (битен лик во net.art-от беше и Словенецот роден во Белград, Вук Ќосиќ).

Како што вели Иноземцева, Garage Digital ќе ги контекстуализира делата на ваквите пионери, а, исто така, преку грантови ќе се обиде да инспирира креирање на нова револуционерна уметност. Сајтот на Garage Digital е двојазичен – руски и англиски, „за (пошироко меѓународно) стимулирање на истражувачите и научниците од помладата генерација да се придвижат напред, да ја користат оптиката и пристапите на постхуманата теорија, со цел да изумат/видат/анализираат различни феномени во нашата реалност“.

Меѓу иницијативите што ги има почнато Garage Digital е и посветената на ‘гејмингот’, а имајќи предвид дека разликата меѓу дигиталната сфера и секојдневниот живот е сѐ потенка, и игрите нудат нови начини за ‘нурнување’/имерсирање во технолошки екосистеми. Конкретно, во рамките на оваа иницијатива музејот ќе нарачува уметнички дела што ќе користат видео игри и компјутерски симулации.

Според Иноземцева, планираните програми на Garage Digital не се загрозени од зеленото светло што руските власти во ноември го добија од ‘Думата’, за воведување „суверен интернет“; односно можност да кренат ‘ѕид’ за влегување во Русија на одредени меѓународни интернет содржини:

„Ова е повеќе идеолошки конструкт и политичка алатка, отколку нешто реално. Дефинитивно не влијае на нашите програми, а и нема можност да го прави тоа. Сите регулации од ваков вид веднаш се покажуваат апсурдни, и може да бидат само тригер за уметничка продукција“, вели кураторката од Garage Digital.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here