Маестро Сашо Гигов – Гиш е полн приказни, јавно знајни и незнајни, од кои за секоја можевме да се изнаприкажеме/изнапишеме. Но, по прелиминарниот муабет, заклучивме дека наместо да реминисцира од видот – „ова правев, она правев“, ќе зборуваме за вистината, „која е една, ама има безброј огледала“, имајќи ја предвид и можната ‘примедба’ за нејзините искривувања во мерата на закривеност/расипаност на ‘површините’ во кои се огледува.

Гиш на вистината ‘ѝ влезе’ со спуштен гард, за да не испушти ниту еден од нејзините шамари, кои не зашеметуваат, туку отрезнуваат од гроги модовите во кои нужно сме, пред да се качиме во рингот спроти ултимативниот противник на лагата. Притоа, неизбежно беше да навлеземе и во сферите на езотеричното, за кое соговорникот зборува(ше) без егзотицирање (во смисла на некаква силна, но површна возбуда/зачуденост од ‘необичното’); на еден патиниран начин; како човек кој крајните, вистинските значења, ги барал во ‘оностраното’ откако се сеќава …

За што поверно да се зачува живописноста на неговиот израз, кажаното од Гиш го пренесуваме речиси изворно. А еве ја и нередактираната, интегрално пренесена најава – ‘предговорот’ за она што подолу следи:

„Порано ме фати, и уште не ме пушта она што, нели, се вика пубертет. Сега е на ниво кога климаксот ја задржува амплитудата, ама ја менува елонгацијата, и се претвора од идеограм во кардиограм, и обратно – од кардиограм во идеограм. Тоа фактички значи дека нонстоп се обидуваш да ја нарушиш хоризонталата на комфортабилната баналност која системот секогаш сака да ти ја наметне и да те увери во тоа. И ти се однесуваш како екстрасистола – ако зборуваме со медицински речник – за да имаме и вака аргументирана понатамошна приказна; зашто ќе зборуваме, се надевам, за животот, за живоста, за пулсацијата, за динамизмот, за дијалектиката на градот и на човекот внатре во него …

Порано ептен бев ‘нафуран’ на криптологија, и сам себе се криптизирав, се шифрирав; дури на моменти и јас си ги заборавам клучевите на некои шифри и не можам да си ги прочитам песните што сум сакал да ги напишам. Зошто? Затоа што долго време се наоѓаш под пресија на еден антикултурен цунами, кој девастира сѐ пред него. Сега веќе немаме вертикала, стратиграфија на вредности, за жал. Ова сега е „go with the flow“, оди со поплавана, со која одат само мртвите риби. А на некој чуден начин, човек кога ќе си ја види спиралата, и од горе ќе слезе во долната аспектуација на тој херменевтички ‘јојо’ – да го наречам така – мора да го допре дното за да може да ‘зашиба’ после нагоре, да се надише воздух. И се бара спремност како на оние ‘лудацине’ кои бараат ретки бисери во уште поретки школки во оние архипелазине кај Јамајка, а кои знаат по 7-8 минути да не земат воздух, како јогини. Треба да си спремен, долго време да вежбаш таков тип на дишење, отчукувања на срцето, за да се симнеш скроз до долу, за да си ги признаеш нештата директно, лице в лице, ако имаш силен стомак да го издржиш тоа. Ако веќе си решил да се спуштиш долу, ќе сфатиш дека како што е долу така е и горе. Тоа е принципот на Хермес Трисмегистус.

Елем, ако си решил да одиш скроз до долу, значи си решил да ја најдеш вистината. А кога е вистината во прашање, првата работа на која треба да се решиш е да сфатиш дека вистината е една ама има безброј огледала. Така што, пледирањето кон една ултимативна вистина е униформност. А да беше така, Севишниот немаше да го создаде космосот во еден вака прекрасен диверзитет на егзистенции, паралелни.

Ќе потсетам на една кореспонденција на Лаплас со негов колега, кога му рекол: Тука сум некаде со решавањето на ‘равенката’ на ‘Биг бенгот’, ама имам две опции – едната е дека сето тоа е невозможно, а утехата за тоа е неразбирливото.“

Витез на урбаната интернационала

Во име на вистината (да не речеме „U ime svih nas iz 50, 60, 70 i neke“), Сашо Гигов – Гиш направи споредба, зборувајќи „со сентимент, но кој има дебело покритие“, за времињата минати; и за сегашните што ги скицираат идните. Како на репер за последното ‘акме’ на урбано Скопје и неговите скопјани, се сети на „времето без интернет, без мобилни телефони, кога бевме приморани да одиме до Белград, до Теразије, за да купуваме книги за да можеме да бидеме подготвени да седнеме во ‘Галерија 7’ или во некоја друга кафана кај што се збираа луѓе кои држеа до своето достоинство и до институцијата на муабет; на еден спознателен муабет, на симпозионот, на ‘Гозбата’; каде не нужно, но мораше да бидеш способен да ординираш на асталите …“:

„’Сега можеш да одиш на Месечината, на Јупитер, па и во друга галаксија, драг пријателе, но секогаш ќе бидеш во истиот простор’. Секои 10 години имам нова реализација на овoj ‘даршан’ што ми го кажа големиот гуру Ален Гинзберг

„Па, и цигари ќе одиш да купиш, ќе приложуваш и ти кеш за да може да се продолжи симпозионот. Ќе застанеш на крај, после тоа, со некој човек на улица; ќе се заборавиш, си дошол дома во три саат сабајле зашто си зборувал за што (?!) – за Хајдегер или за Ларс фон Трир кога му беше актуелна ‘Европа’. Каде се сега тие муабети? Се изгуби секоја референца. Ние бевме ‘деца од старото кино’, но имавме референци светски.“

Тука Гиш наброи плејада великани со кои пријателувал, од кои учел, кои го инспирирале до истоштување; како (Слободан) Бобо Мицковиќ – „кој ми беше пријател и професор“; Петре Андреевски – „кој иако не беше професор, ми беше вонреден професор во ‘Јоле’“; Влада Урошевиќ – „институција, неповторлив човек, подвижна енциклопедија, кој е урнек за воспитание, за внатрешна и надворешна манифестација на поимите воспитание, сознание и спознание“ (на други вакви големини Гиш се навраќа подолу) …

„Среќен сум што сум живеел во Скопје и сум имал среќа да го гледам Влатко Стефановски по улица како шета. Знаеш што беше за мене Влатко кога бев ‘клинец’? Загор! Му ги знаев сите песни на памет, а во иста мера го знаев и Горан Стефановски. Со Горан своевремено станавме комшии во Аеродром и чекавме автобус на иста станица. Во таа некојa 1992-93 година ми го раскажуваше сценариото на ‘До балчак’, што тогаш се викаше ‘Приказни од Дивиот Исток’. Замисли! Живееш во град со таков човек, и он те гледа како млад хипик; и ти се смее, ти се радува; он ти зборува. Каков благослов е тоа! На Влатко со години му одиш на сите концерти, буквално го обожуваш, сакаш да бидеш како него, со истиот тексас, истата фризура, истите ‘старки’ што во Белград ги викаа ‘леб-и-солки’ …

Со Теодосиј Спасов

И некаде 1995-96, кога веќе отидоа ‘Леб и сол’ наваму-натаму, Влатко доаѓа во ‘МЦМ’, ме гледа и ми вика: ‘Мали, ти утре кај мене да дојдеш, еве ти телефон’. И отидов кај него дома и почнавме да пробуваме (…) Му го покажав автограмот што ми го даде кога бев петто одделение, кога вежбаа во ‘Дом на млади – 25 Мај’ (така се викаше денешниот Младински културен центар – МКЦ) во оригиналната постава со Коко, Гаро и Бодан. А тогаш тој ми рече, ‘чекај јас да ти покажам нешто’, и ми покажа слика на Горан Стефановски со Џон Ленон во сред Лондон, 1971. Во исти град сме живееле, на иста музика, на исти два-три програма растени, ама таква една хиперпотенција во амбицијата да се сознае, да се дојде до вистинското, ќе те натера да одиш и отаде Лондон. Меѓутоа, што би рекол Џони Штулиќ: ‘Otkud osjećaj da gubiš pouzdano zaleđe, umjetnost te čini jačom nego što pretpostavljaš’. Е, се изгуби државата како парадигма што ги воспостави тие вредности, тоа ‘pouzdano zaleđe’ (сигурна позадина, во некој слободен превод); тие вредносни ‘пилари’ (столбови), кои сега ги рушат“.

Навраќајќи се на великаните кои постојано му ја кревале летвичката на доволноста на знанието и сознанието, Гиш го спомена „прекрасниот академик Бајрам Газанфер“ (сега потпретседател на МАНУ), кој го прогласил за „витез на урбаната интернационала“, поради заслуги заокружени со книгата (на Гиш) „Душата на градот“ (1994), и тоа во присуство на Петре Андреевски, Глигор Чемерски, Радован Павловски, Жарко Јакимовски. Овде, како на следно возвишено скалило, се задржа на големиот македонски уметник, Глигор Чемерски – Гиче:

Петре Андреевски, Глигор Чемерски, Димитар Манев и Сашо Гигов – Гиш; во „Јоле“, кај оревот, 1992. „Кога почина Петре, јас му го нацртав ореолот. На сликава Гиче му кажува на Петре за сликата што ми ја отстапи за насловната на ‘Ритуал и пепел’, за која Влада Урошевиќ ми напиша поговор. Каква привилегија за еден ‘копиљ’. Да те ‘тинтраат’ вакви луѓе“

„Со урбаниот херој Жарко Јакимовски сме последните Мохиканци од школата на големиот питагореец, Глигор Чемерски … Гиче ми ја знаеше душата како мајка ми, Бог да ја прости, и он знаеш што ми рече 1990-91 во ‘Јоле’, кога беше еуфоријата околу осамостојувањето. Ме гледа мене запатриотизиран скроз, и ми вика: ‘А бе синко, супер е сѐ ова, ама да ти кажам една работа – не ми дал Господ четири-пет животи за да можам во овој да бидам само Македонец’. Тоа го запишав, и ми е како некој ‘коан’ (поим од зен будизмот: увид недостапен за рационално разбирање). Да сумирам, тоа беше една ‘језиво’ добра скопска атмосфера. Овде отсекогаш било Казабланка. Кога гледаш – ако можеш да видиш што било Скопје – зошто да не го направиш тоа и сега? Го затнаа градов, го утупеа, ја купија авангардата. Но, сега ситуацијата е, што би рекол Џони Штулиќ: ‘Da li bi opet išao u rovove, oh Pavel, neman je pred vratima, govoriš mi o ideji, o patriotizmu generacije, da li je to skup interesa nekorisnih ljudi ili nešto vrijedno robije, razgovarajmo o slobodi’“ (сите вакви цитати во текстов Гиш ги отпејуваше или рецитираше како што се пренесени)

„Да беше барем паланка ова, поубаво ќе беше“

Гиш нема ништо против технологијата и нејзините ‘дивајси’ и ‘сервиси’, туку напротив, ја обожува „брзината што ја дава, сосе сѐ што ти е на дофат на раката“, но вели дека кога таа ќе се поврзе со менталитетот што е на сила, резултатот е „зомбификација“:

„Зборувам за сите фашизоидни експерименти што се на повидок или се веќе видени. Семантички – фасчо (fascio) е сноп, односно стапови врзани во сноп кој никој не може да го скрши, а ти можеш со него сѐ да скршиш. Ама ‘човеците’ не се стапови. Стапот треба да го исечеш или од корен да го искорнеш за да го врзеш после со ортома и да стане оружје. Како вика Његош: ‘Mlad si još i nevješt, vladiko! Prve kaplje iz čaše najgrče su i najupornije. O, da znadeš što te jošte čeka! Svijet je ovaj tiran tiraninu, a kamoli duši blagorodnoj! On je sustav paklene nesloge’; и после еден стих што се надоврзува: ‘Аl tirjanstvu stati nogom za vrat, dovesti ga k poznaniju prava, to je ljudska dužnost najsvetlija!’. Владика Петар Петровиќ Његош – гениј над гениите! Да беше паланка ова (визави „Филозофија на паланката“ на Радомир Константиновиќ), поубаво ќе беше. Барем ќе се знаеше ‘кој коси, а кој вода носи’. Ќе се знаеја работите, кому каде му е местото. Овде веќе не се знае кој на кого, и каде му е местото. Не се знае ни кој, кому, кога; ни кој, кого, како веќе. Страшна работа.“

Во оваа матна ситуација, за која народот го лажат дека се бистри со политика, „вистината треба да се зборува секогаш и секаде, ама не пред секого“, продолжи Гиш цитирајќи го Мевљана (Џалалудин Руми):

„Замисли каква автонцензура е наметната. Сите се правиме будали. Зошто јас пеев песни еврејски, турски, босански, … уште пред десетина години? Знаеш што вика Бранко Миљковиќ – ова е мој препев: ‘Не искушувај ме мене матен, ти прониклив огну вечен – додека сум несфатен, ќе пеам непопречен’. Дојдовме до момент на автоцензура за гола егизстенција. Зошто? Во име на вистината. А која вистина бе брат? Симулакрумелија (кованица од симулакрумот на Бодријар и Румелија – Румелискиот пашалак, во чии рамки во турско била Македонија) до крај, нема веќе кај да се оди.“

Навраќајќи се на глобалната ‘зомбификација’, Гиш потсети дека „големиот џихад, големата борба, е да го убијам незнаењето во тебе, а не да ти ја исечам раката“:

„А како ќе те убедам во твоето незнаење? Само ако ти покажам што е знаење и кој е благословот од истото. По вокација сум гностик. А гнозисот е спознание, не само сознание добиено од книги; спознание на најдиректен начин, со поминување, пробивање низ него. Дури тогаш може да се види мистиката, а поимот мистика доаѓа од грчкиот глагол ‘муо’ – да молчиш, да го скриеш она што си го видел. А како да ја водиш оваа борба во услови на медиокритетство, на безвредност, додека е познато оти да се продаваше човечка памет на пазар, секој по својата глава ќе пружеше рака. А и Господ ти дава знак кога ќе треба. Ќе те пушти да се мачиш, ќе те усука како фитиљ, и ќе те запали да тлееш, и Он ќе те угаси кога ќе треба. Ако не треба, ќе изгориш. Од пепелта ќе ти се учат.“

Слика што му ја подарил Глигор Чемерски …
… и посветата од која ‘грее’ и поетскиот гениј на Гиче

За крај ќе пренесеме како Гиш, тргнувајќи од Вуди Ален, стигна до уште една од големите рамки за отсликување на македонскиот проблем:

„Јас гледам на некои наши традиции (слават Свети Георгиј, а поим немаат кој е светителот) како Вуди Ален што ги гледа оние собирите негови со татко му, мајка му; со тетките и вујковците, кај што мора да биде Евреин. Свири на тоа кларинетот, парче прави. И тоа е добро. Ако го ‘конташ’ тоа како такво. Евреите контаат дека ги конташ. Само ние не контаме дека нѐ контаат. Сите други контаат дека ги контаат: Турците, Србите, Албанците, Ромите, Афроамериканците … Таму кај што не ги контаат, го употребуваат тоа во своја корист. А ние сме толку недоветни, што цело време мислиме дека ние ги контаме сите, а они нас не нѐ контаат, и пробуваме да ги ‘зезнеме’. И стално се зезнуваме.“

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here