Кога ќе го погледнат трејлерот, голем дел од фановите на култната, револуционерна серија од деведесеттите, „Twin Peaks“, ќе почнат да размислуваат за набавка на VR уред (хедсет), ако веќе немаат таков.

Се работи за трејлер за играта со виртуелна реалност, „Twin Peaks VR“, чие демо Дејвид Линч го презентираше лани на неговиот „Festival of Disruption“ (13-14 октомври).

Заедно со вчера објавениот трејлер, најавено е и официјалното излегување на играта, што ќе биде веќе задутре, на 13-ти декември. Twin Peaks VR искуството ќе биде достапно за 9,99 долари, и тоа за Oculus Rift, HTC Vive и Valve Index ‘хедсетовите’, преку Steam.

Нема Twin Peaks без БОБ (скриншот од трејлерот)

Линч за играта соработувал со Showtime (копродуцентот на третата сезона од „Twin Peaks“, ‘Враќањето’) и Collider Games, а последните најавуваат дека во текот на 2020 ќе има и верзија прилагодена за PlayStation VR.

Оттаму го порачуваат она што е видливо од трејлерот – дека светот на Twin Peaks е верно рекреиран (зарем Линч би (си) дозволил да биде поинаку?!), а играчите откако ќе се впуштат во имерсивното VR искуство по трагите на специјалниот агент Дејл Купер, на крајот ќе треба да успеат и да се вратат назад, во животот што ликот маестрално одигран од Кајл Меклахлан, го оставил зад себе. Сето ова со решавање ‘линчовски’ ‘пазли’, додека ги истражуваат автентичните и детализирани места од серијата во виртуелна реалност.

„Стаклената кутија“ од третата сезона на серијата

Самиот Дејвид Линч дал вакво ‘ветување’ за играта – кратко и јасно: „Тридимензионалниот свет на Twin Peaks VR, произведува 10-димензионално искуство“.

Играчите ќе можат да посетат неколку локации од серијата, вклучувајќи ги „Црвената соба“ (Red Room), „Гластонбери гроув“, канцеларијата на шерифот од измислениот град во сојузната американска држава Вашингтон, како и опсервациската просторија со „Стаклената кутија“, сместена во њујоршки облакодер, а која ја видовме во третата сезона од Twin Peaks.

Еве го трејлерот:

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here