„Nature Morte“, 1921

Ако скенирате фискални сметки и немате среќа во наградната игра на УЈП – „Мој ДДВ #MojaНаграда“, или ако сте добиле поврат на платениот ДДВ/некоја од наградите од истата, па сакате да ги реинвестирате ; ) , можете да си ја пробате среќата и во меѓународна лотарија, во која ако купите лоз што чини 100 евра, влегувате во конкуренција за добивање оригинално дело на Пабло Пикасо, проценето на милион евра.

Организатор на лотаријата наречена „1 Пикасо за 100 евра“ (1 Picasso for 100 Euros) е француската непрофитна организација „Aider les Autres“ (Помогни им на другите), а ако учествува некој ‘нашинец’ би можеле да се надеваме дека ќе добиеме македонска Пикасо колекција, со второ дело од големиот шпански уметник (покрај „Главата на жена“ од Музејот на современа уметност, што Пикасо ја подарил солидаризирајќи се со постземјотресно Скопје).

Делото што може да се добие на лотаријата е масло на платно од 1921 година, и се вика „Nature Morte“ (мртва природа). Стилот припаѓа на периодот од кариерата на Пикасо што се категоризира како „кристален“, односно „синтетички“ кубизам.

„Nature Morte“ се гледа горе, зад првата жена на Пикасо, Олга Хохлова, а на фотографијава од 1923

Моментално изложена во Музејот Пикасо во Париз, „Nature Morte“ е потпишана и датирана од уметникот, а во прилог на автентичноста со сликата доаѓаат и два сертификати со потписи од децата на уметникот, Маја и Клод. Сликата, додека не ја добие среќниот учесник во лотаријата, му припаѓа на колекционерот Дејвид Намад (David Nahmad).

Од „Aider les Autres“ објаснуваат дека купувањето на делото од колекционерот ќе биде покриено од продажбата на лозовите, а остатокот од собраните средства ќе оди кај хуманитарната организација „Care International“, за обнова на училишта и снабдување со чиста вода во Камерун, Мадагаскар и Мароко.

„Глава на жена“, 1963

Ова не е прва лотарија организирана од огранизацијата, а каде ‘мамката’ за хуманост е Пикасо. Во 2013 сопственик на „L’Homme au Gibus“ (Човек со оперска шапка), цртеж на Пикасо од 1914, стана 25-годишен Американец, Џефри Гонано.

Добитникот на „Nature Morte“ ќе се знае по извлекувањето на 6-ти јануари (2020), што ќе се одржи во Париз, надгледувано од судски претставник, а ќе може да се гледа и во живо на сајтот „1picasso100euros“, каде може да се купи и лоз за учество во лотаријата.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here