„Алегорија со Венера и Купидон“ (околу 1545) (детал), Ањоло Бронзино

Случајно или не, Скопје и Лондон за догодина најавија изложби со иста тема – гревот. И тоа, скопската ќе биде отворена прва – на 3-ти февруари во Чифте амамот – под името „Првиот грев – првата доблест“. Се работи за традиционалниот Зимски салон на ДЛУМ (Друштвото на ликовните уметници на Македонија), на чие 18-то издание куратор е д-р Кирил Пенушлиски; кој концептот зад изложбата го објасни со двојната природа на првородниот грев на прародителите Адам и Ева, кои ја прекршиле божјата заповед да не јадат од дрвото на познанието на доброто и злото; односно, рече дека ваквата непослушност низ историјата се покажала и како доблест, во смисла на бунт против востановени поредоци, кој значел/значи револуции, промени, напредок.

Англиската, пак, изложба на истата тема ќе биде отворена на 15-ти април во лондонската Национална галерија, а ќе се вика едноставно „Грев“ (Sin).

Оттаму сметаат дека иако „гревот го проникнува животот уште од најраните денови, досега никогаш не била раскажана приказната за неговата поврзаност со уметноста“. Лондонската нарација ќе оди низ вековите, „од Бројгел и Веласкез, до Енди Ворхол и Трејси Емин“:

„Важно е да покажеме дека ова не е само историски феномен, туку постојана фасцинација со која уметниците се занимаваат стотици години – а и натаму го прават тоа“, велат од галеријата.

Вклученото дело на Емин е натпис изведен со неонска светилка, кој вели: „Беше само бакнеж“ (It was just a kiss), а од галеријата го ‘читаат’ како своевидна исповед на уметницата, „што е важна тема (исповедта) кога станува збор за гревот“.

„Беше само бакнеж“ (2010), Трејси Емин

Ворхол ќе биде претставен со „Repent and Sin No More!“ (Покај се и не греши повеќе), каде христовата евангелска порака е третирана како што денес се сфаќа – како слоган/фраза од леток, со заклучок: а-ха, веќе чуено/видено.

„Покај се и не греши повеќе!“ (1985-86), Енди Ворхол

Меѓу делата на ‘старите мајстори’ (со кои ќе бидат вкрстени горе наведените за да се покажат потенкостите на историјата на ‘гревот’ во уметноста) од колекцијата на Националната галерија ќе бидат застапени оние на Лукас Кранах постариот, Ањоло Бронзино, Јан Стен и Вилијам Хогарт.

Едно од најекспонираните во Лондон ќе биде „Безгрешното зачнување“ на Диего Веласкез – сликата што треба да ја олицетвори римокатоличката догма за безгрешното зачнување и на Богородица (покрај Христовото).

„Безгрешното зачнување“ (околу 1618), Диего Веласкез

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here