„Патот до пеколот е поплочен со добри намери“, е соодветната илустрација за илустрацијата што се покажа несоодветна за кампањата против расизмот во италијанската Серија А, во која уметникот кој бил ангажиран, Симоне Фугацото, насликал мајмуни како одговор на епидемијата сериозни навивачки испади со жртви црномурести фудбалери, кои „тифосите“ ги нарекуваат мајмуни, гестикулираат и извикуваат имитирајќи ги споменатите животни.

Склони сме да веруваме дека цитираната поговорка во случајов треба да се толкува оти искрено добрите намери (на уметникот) завршиле со несакани последици, наместо дека лоши намери биле маскирани со наводно добри.

Во Серија А, особено последнава година, навивачите фрустрациите од (секако) не само фудбалска природа ги манифестираат како расна нетрпеливост (досега настрадале Марио Балотели, Калиду Кулибали, Ромелу Лукаку …), а ситуацијата е толку наелектризирана, што за бура жестоки реакции беше доволен и насловот „Црн петок“ на насловната страница на „Кориере дело Спорт“ пред дербито што се одигра на 6-ти декември (јасно – беше петок), покрај кој стоеја фотографии од црномурестите Лукаку (Интер) и Крис Смолинг (Рома). И овде, можеби наивно, склони сме да веруваме дека весникот само сакал да го добие публицитетот што и го доби, вулгарно ‘играјќи’ на чувствителноста на моментумот.

Во ваква ситуација, конкретниот чекор на Серија А беше кампањата со сликата на Симоне Фугацото, а овде веднаш во одбрана на уметникот ќе кажеме дека тој кариерата ја изградил сликајќи мајмуни, па челниците на најсилната италијанска лига требало да знаат што може да очекуваат од Фугацото, кој вели: „Човеколиките мајмуни ми се мотив уште од 2013 година, и се единствен субјект што го користам како метафора за човечките суштества“.

Самиот е „изненаден“ од силината на реакцијата против неговото дело.

Човекот и неговото его (Симоне Фугацото)

Шефот на Серија А, Луиџи Де Сиерво, завчера се извини за кампањата (со делото на Фугацото што беше промовирана во понеделникот), велејќи дека „сфатиле оти е несоодветно“.

Но, изненаденоста на уметникот произлегува од тоа што, како што изјавил за The Art Newspaper, „делото беше презентирано пред седум месеци, во тек на финалето на италијанскиот куп (Копа Италија) (15-ти мај) на телевизија, и, што е клучно, во спортските весници, без ништо да се случи“.

Делото на Фугацото кое прикажува трио мајмуни во крупен план и во боите на клубови од Серија А, требало да биде изложено и во седиштето на лигата во Милано, но, сега, јасно, тоа нема да се случи. Извинувањето на Де Сиерво доаѓа по острите критики од неколку клубови; како на пример Рома, од каде на Twitter напишаа дека разбираат оти лигата сака да се справи со расизмот, но не веруваат дека ова е вистинскиот начин. Во прилог Рома ја ‘ретвитна’ и реакцијата на Милан, дека не смее да стане ниту збор за користење слики на мајмуни во кампања против расизмот, а „росоњерите“ реагираат и на „целосното отсуство на консултација“ од страна на Серија А.

Ксенофобија (Симоне Фугацото)

Ставот, пак, на уметникот Симоне Фугацото, е следниов: „Според мене пораката е јасна: ако не можеме да ги сопреме глупавите фанови да врескаат „мајмун“ кон црномурестите луѓе, тогаш јас ќе се обидам да го превртам концептот, велејќи дека сите сме мајмуни. Луѓе или човеколики мајмуни – важната работа е дека сме исти. Затоа не мислам дека моето дело е бесчувствително, туку оти ова е нов начин на пренесување на постоечкиот, важен концепт: оти сите сме исти.“

Тој се жали дека троловите на социјалните медиуми го обвиниле оти е отворен расист: „Од друга страна, многу луѓе покажуваат љубов и разбирање, што ми е како здив кислород“.

Во имеил до Artnet News, тој се сложил со одлуката на Серија А да им се извини на оние „кои го доживеале неговото дело како навреда“, но нагласува дека истото било замислено како оружје на фудбалерите жртви на расизам, велејќи оти сакал да им даде „алатка за да се бранат себеси“.

Pop Up (Симоне Фугацото)

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here