Од лево: Зоран Стефановиќ, селектор на меѓународната изложба од стрип конкурсот; Дејан Богојевиќ, уметнички директор на фестивалот; и Томе Трајков

Викендов (20-21 декември) македонската стрип сцена беше претставена надвор од земјава; а имено во Србија, на 3. Ваљевски стрип фестивал; што е можност која ретко се укажува, имајќи предвид дека последен пад организирано групно претставување на наши стрип автори имаше во 2013; и тогаш во Србија, во Лесковац, на Балканската смотра на млади стрип автори.

Изложбата „Македонски стрип“, поставена во Центарот за култура на Ваљево, беше дел од официјалната програма на меѓународниот фестивал, заедно со изложбата на стрипови од конкурсот распишан од споменатиот Центар, како и со изложбата на детски стрип.

Селектор и промотер на македонските стрипови е Томе Трајков, координатор на Стрип-центарот на Македонија и на Меѓународниот салон на стрип во Велес.

Според неговите зборови, „избрани се стрипови на автори од различни генерации, меѓу кои и на прерано починатиот бард на македонскиот стрип, Љупчо Филипов; а доминираат креации од актуелните македонски автори кои изложувале на Меѓународниот стрип-салон во Велес и во магазинот ‘Креатор’, единственото постојано стрип издание кај нас“.

На изложбата „Македонски стрип“, конкретно се застапени авторите Лазар Ангелков, Оливер Цветковски, Тоде Блажевски, Мирко Бојаџијевски, Јана Бутеска, Ана Марија Стефаноска, Максим Ристески, Александра Ристески, Александар Стеванов, Александар Цакоски, Мирко Бојаџиески, Ване Трајков, Стефан Николовски, Васил Гаврилов, Јорданчо Давидовски, Илко Стојановски, Катерина Николовска-Тери и Љупчо Филипов.

Томе Трајков

На селекторот Томе Трајков му ги поставивме прашањата што ги наметнуваат вакви, како што вели, ретки настани, поврзани со местото, односно споредбата, на македонската стрип сцена со регионалната.

„Во Србија има околу 10 фестивали, а кај нас, освен Салонот – колонија во Велес и од поново време фестивалот Скопска стрип акција, нема ништо ниту на повидок. Во однос на стрип издаваштвото – Македонија има недоволен пазар поради ограниченоста на јазичното подрачје, а доделените, пак, средства од страна на Министерството за култура и локалните самоуправи, се сосема недоволни. Околу авторите – само Александар Сотировски професионално се бави со цртање на стрип, цртајќи за издавачки куќи од странство – останатите свое ‘улебие’ си најдоа во издавачки куќи, анимации, дизајн на игри и слично“, гласи ‘дијагнозата’ што ја даде Трајков.

Тој смета дека пречка за засилување на стрип сцената во земјава се и „внатрешните релации меѓу авторите“:

„Порано беше поизразен судирот помеѓу, условно кажано, ‘калдрмата’ и ‘асфалтот’, т.е. старите дејци со новите. Суетата е голема и кај обете страни, но, да бидеме реални – не може да се споредат минатите заслуги на едните, со очекувањата и амбициите на вторите. Посебно неприфатливи се ситуациите на вештачко поистоветување на трудот и резултатите. И сосема на крај, неприфатливи се појавите на извесни своевидни „стрип ботови“, кои ниту цртаат стрипови, ниту учествувале во организирање на стрип настани, а се ‘најгрлати’ критизери (јас додавам и најбескрупулозни) по разноразни форуми и слично.“

Патем, македонски автори се и меѓу наградените на споменатиот меѓународен стрип конкурс (на кој пристигнале дела на 103 автори од 11 земји: Босна и Херцеговина, Бугарија, Канада, Литванија, С. Македонија, Романија, Русија, Србија, Унгарија, Уругвај и Црна Гора). Стрипот „Си беше еднаш еден човек“ на сценаристот Александар Стеванов од Штип, и илустраторот Дарко Богданов од Виница, е прогласен за најдобар во категоријата „Раскажување“. Меѓу наградените е и Златко Крстевски од Прилеп, кој беше прогласен за најдобар во категоријата „Општествен ангажман“, за стрипот „Без наслов“.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here