‘Фирерот’ чека да биде фрлен/удавен во базен полн со некоја чудна мешавина, „направена од познати слики што Хитлер ги изложил на изложба на дегенеративна уметност“. Во мешавината, со повнимателно загледување, може да се забележат круговите на Кандински, квадратите на Мондријан, лица видени на сликите на Пикасо. На извесниот подиум на базенот (лево од него) може да се прочита „Merz your own back“ (референца на поимот ‘merz’, што германскиот дадаист Курт Швитерс, го изумил за да ги опише своите колажни и склопени дела базирани на материјали ‘ископани’ од отпад).

Ова е описот на насловната слика, дело на англискиот уметник Лијам Ешли Кларк (Liam Ashley Clark), кој бил инспириран од фразата – „триумфот на креативноста над злото“, што е испишана и на ѕид во неговото ателје во Норич. Уметникот со сликата ја слави историската победа на „дегенеративната уметност“ над нацистичкиот режим, но, случувањата во последно време, го тераат одново со извесно нелагодно чувство да се присетува на историјата, стравувајќи од напливот на екстремизам, но и верувајќи, визави споменатиот триумф, во моќта на уметноста за победа.

Лијам Ешли Кларк е битен (и) ако се има предвид дека е избран како единствен уметник кој се појавува и на листата New Contemporaries и на Saatchi Art Rising Stars годинава – а двете (листи) претендираат на препознавање на следната генерација влијателни уметници. Кларк има едноставно објаснување што значи за него влегувањето на овие листи:

„Кога толку долго работиш на исто место, истите луѓе доаѓаат на твоите изложби. Не добиваш некоја вистинска критика и нема некој што ќе те турка напред. New Contemporaries и Saatchi добро вршат работа – не само во однос на кариерата, туку пред сѐ зашто изложувам заедно со многу луѓе кои се навистина добри, па морам да правам уште подобра уметност.“

Уметникот кој летово стекнал магистратура од полето на уметноста на Норичкиот универзитет, инсистира на едноставност, во смисла на лесна разбирливост, и во својата работа.

„Моите размислувања се силно повлијаени од тоа колку брзо ви поминуваат сликите кога ‘скролувате’ низ Instagram. Нормално, кога ќе видите нешто, сакате веднаш да се насмеете или да го разберете. Не сакате да треба да ‘скролувате’ низ 4-5 слики за да го сфатите ‘штосот’. Па, затоа има елемент во мојата работа каде гледаш во нешто, и си како, ‘сфаќам, забавно е’, а потоа истото може да си поигра и со твојот ум“.

Кларк работи сликарство, цртеж, фотографија, инсталација, видео, а неговата најнова продукција е сосредоточена на слики што ‘спаруваат’ живо обоени карикатури со не помалку ефектни фрази; како на пример (лево), член на ККК (Кју Клукс Клан), облечен во розова ‘униформа’, држи црвен чорап, порачувајќи – „испрано“.

Во својата работа, како што самиот вели, ‘трпи’ влијанија од D.I.Y („do it yourself“ = направи сам) културата и креаторите на скејтбординг, панк, хип-хоп и фолк сцени/иконографии, а инспириран е и од широкиот му спектар интереси, како политика, социологија, психологија. Идеите, вели, му доаѓаат низ креативен процес чиј погон може да биде што и да било, а што е моментално во неговото материјално/духовно опкружување.

„Секогаш носам блокче (за цртање) или камера“, вели Кларк чие ателје е облепено со ‘наоди’/кроки за идеи, а во кое чекаат да им биде посветено внимание егземплари како – „Џеф Безос во ракета бега од Земјата која гори“ или „Земјата продадена на вонземна раса од алчни политичари“.

Опкружен со вакви ‘белешки за апокалипсата’, Кларк сепак негува надеж за иднината:

„Лесно е да се има надеж кога има ликови како Грета Тунберг. Различно беше кога бев дете. Кога се заинтересирав за политика, тоа се сведуваше на слушање на Rage Against the Machine, додека денешниве деца организираат протести.“

Следи галерија од дела на Лијам Ешли Кларк

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here