Дигиталната уметност е тука веќе одамна – првата изложба на компјутерска уметност се одржала во 1965 („Компјутерски генерирани слики“, во Хауард Вајс галеријата во Њујорк), а со ерата на интернетот и дигиталните медиуми се појави поколение уметници од раѓањето предодредени на визуелна култура изградена под влијание на дигиталниот начин на мислење и живеење. Интересот/побарувачката за ваква уметност расте – што го покажа и распродадената изложба на лондонскиот колектив Marshmallow Laser Feast (кој креира имерсивна уметност, во виртуелна реалност) во Сачи галеријата во Лондон, чие траење два пати беше продолжувано (изложбата траеше од 7 декември 2018 до 5 мај 2019).

Но, дигиталната уметност сѐ уште го нема своето место во уметничкиот академски свет, и масата од истата ја создаваат програмери – често и со дискутабилни естетски ‘светогледи’.

Токму ова прашање – зошто уметничките школи ‘каскаат’ со следењето на потребите на нивните ученици/студенти, да одговорат на практичните и филозофските последици од дигиталната трансформација на светот околу нив, е темата со која во своја анализа се занимава artnet News.

Како позитивен, пресвртен пример тука се наведуваат најавените планови (на почетокот од 2019) на лондонскиот Кралски колеџ за уметност (Royal College of Art), за проширување на неговиот курикулум со цел поголемо вклучување на науката и технологијата.

А проблемот со колебливоста на образовните институции од областа на уметноста во однос на воведувањето на технологијата во програмата, во текстот го објаснува професорот Мик Гриерсон, лидер на истражувачки тим во „Креативниот компјутерски институт“ (Creative Computing Institute) при Универзитетот на уметностите од Лондон (University of the Arts London), кој посочува на предрасудата за идеолошката неспоивост на уметностите и технологијата, во смисла дека некои креативци традиционалисти не само што се несигурни околу тоа како да ја интегрираат технологијата во нивните предавања, туку се колебаат да го прифатат кодирањето и другите технолошки вештини како уметнички практики сами посебе.

„Има многу луѓе кои со декади се во заедницата уметници и дизајнери, но таму не можат да најдат место за нивните технолошки водени креации и практики. Па, се разбира, тие природно мигрираат во STEM (по наше НТИМ, кратенка од наука, технологија, инженерство и математика; на англиски: science, technology, engineering, and mathematics) околини, зошто тука им е полесно да зборуваат за материјалите што ги користат и за своите креативни пристапи.“

Од друга страна, во извештај од 2016, наречен „Откривање на пост-дигиталната уметничка школа“ (Discovering the Post-Digital Art School), стои дека „забелешката оти оваа генерација млади дигитални ‘домородци’, на кои им е својствено разбирањето на интернетот со целата негова култура, граматика и протоколи, и кои можат без усилби да креираат иновативни дигитални содржини и проекти, на начини што нивните професори никогаш нема да ги разберат, сега се знае дека е едноставно параноичен мит“.

Кураторката, пак, Џулија Кагански, додава дека најдобрите школи од уметничкиот сектор, во своите програми интегрираат и технолошко размислување и практика, зашто „на ова поле не може да се гледа како на додаток, туку од критична важност за секој уметник е да може да одговори на состојбите во светот“:

„Како што софтверот, алгоритмите, вештачката интелигенција и кибернетичкото ‘мислење’ сѐ повеќе го обликуваат светот околу нас, уметниците треба да имаат силен фат во однос на практичните и филозофските последици од оваа трансформација. Не велам дека секој уметник треба да научи да кодира, но веројатно ќе им треба да прочитаат некоја теорија на медиуми и текстови од софтверски студии, па, можеби дури и од постхуманистичката филозофија.“

Дигиталната уметница и едукатор Вики Фонг, цитирана во текстот на artnet News, вели дека веќе има (и ќе има) пазар за дигитална уметност:

„‘Милениумците’ или генерацијата ‘Зет’ (Z) што ги наследи, можеби не поседуваат физички простори, но имаат повеќе во својата дигитална онлајн егзистенција – тие ќе ги посакуваат овие дигитални ‘поседи’ за да ги ‘опремат’ своите виртуелни простори.“

Во анализата доминира ставот дека уметничките школи и натаму се бавни кога е во прашање создавањето услови за преземање на дигиталната уметност од страна на уметниците:

„Се чини како уметничките школи палката на креативноста да им ја предадоа на компјутерските научници и програмерите, кои често прават ужасна уметност“, вели дигиталниот уметник Алан Ворбартон.

Како заклучок, во текстот се вели дека без разлика дали едно уметничко дело е направено со акрилни бои или со код, квалитетите што му го даваат значењето се исти, а тие се нешто што може да се научи главно во уметничките школи.

„Пречесто уметниците (и кураторите, и публиката) паѓаат во замката на новината на алатката сама посебе и ја жртвуваат суштината во процесот. Во ред е да се истражат формалните и естетските можности на алатката, но уметноста мора нешто и да каже. Технологијата ќе продолжи да се менува, но таа желба за конекција или трансцеденција е константна“, вели цитираната Кагански.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here