Покрај тоа што е еден од најзначајните композитори на 20-тиот век, Џон Кејџ (1912-1992) бил и човек опседнат со печурки, кој дури и снабдувал њујоршки ресторани со печурки што ги собирал во северниот дел од сојузната држава Њујорк, a во 1962 го оживеал и њујоршкото друштво на миколози (New York Mycological Society) (микологијa = наука за габите).

Ова е дел од фасцинантните приказни што кураторката Франческа Гавин ги ‘ископала’ за збогатување на изложбата „Печурки: уметноста, дизајнот и иднината на габите“ (Mushrooms: The art, design and future of fungi), што на 31 јануари ќе биде отворена во Сомерсетската палата во Лондон (Somerset House), а ќе ја одбележи „извонредноста на печурката, и сите прогресивни, поетски и психоделични чуда што ги евоцира“.

Гавин одбрала дела од над 40 уметници, дизајнери и музичари, за изложбата што го свртува погледот кон „колоритното културно наследство на печурките“, и повикува да се преиспита нашиот однос кон планетата.

Предметот на изложбата ја испровоцирал кураторката ‘прогонувајќи’ ја со постојано присуство во уметноста што ја гледала:

„Забележав дека печурките се појавуваат секаде. Ги гледам низ уметноста од последниве повеќе од 50 години, но уште повеќе во изминативе три. Се почувствував како да паѓам во некаква печуркина црвоточина (wormhole) … видов толку многу ентузијазам за печурките и толку многу иновација. (…) Како мотив, тие како да се противотров за голем дел од концептуализмот во современата уметност“, се зборови на Франческа Гавин.

Hygrocybe punicea, Beatrix Potter

Говорејќи за доживотната фасцинација од печурките на Џон Кејџ, таа смета дека во случајот на оваа водечка личност на експерименталната музика на 20-тиот век, чиј ‘заштитен знак’ е тишината, побитен бил процесот на пронаоѓање на печурките во природата, отколку самата печурка:

„Ако помислите на спокојот и пространствата во неговите дела, мислам дека тоа е многу поврзано со неговата љубов кон собирањето печурки“, вели Гавин, но додава дека сепак, Џон Кејџ „е попознат во Италија по неговата љубов за печурките, отколку по неговата музика“.

На изложбата во Сомерсетската палата ќе може да се види и ретка книга за печурки, што Кејџ ја објавил заедно со микологот Александер Смит и илустраторот Лоис Лонг, а која содржи поезија од композиторот, како и негови ракописни белешки на темата.

На изложбата во Сомерсетската палата ќе има акварели на уште една икона во својата област, а имено илустраторката и писателка на книги за деца, Беатрикс Потер (1866-1943), која пред да го креира „Зајачето Петар“ (Peter Rabbit), микроскопски го проучувала развојниот процес на габичните спори (дури развила и своја теорија за процесот), и консултирала миколози за што попрецизно да може да ги црта/слика печурките.

Mushroom burial suit, Jae Rhim Lee

Во дизајнерскиот дел од изложбата особено се истакнува биоразградливиот погребен костум на Џеи Рим Ли, обложен со мицелеум (мицелиум е вегетативното тело на габите кое се состои од тенки (1,5-10 μm дебели) разгранети конци наречени хифи – извор: Википедија), а со кој се цели да се намали штетата врз животната средина од погребната индустрија; како и мицелиумскиот чевел со високи потпетици на белгиската дизајнерка на чевли, Кристл Петерс.

„Mycoschoen“, Kristel Peters

Кураторката Гавин подготвила за споделување на отворањето и други интересни нешта од наученото додека истражувала за изложбата, како податокот за 965-хектарската печурка во источен Орегон, која се смета за најголем и најстар организам во светот.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here