Бистата на Хитлер запленета во тајна соба во дом на колекционер, која сега се наоѓа во Музејот на Холокаустот во Буенос Аирес

Сѐ почесто читаме за аукции/продажби на нацистички сувенири, кои ‘некако’ коинцидираат со подемот на популистичките политичари, десничари, чии пораки на митинзите некои „погрешно“ ги разбираат, па се јавува таква побарувачка за предмети со националистичка симболика, што обилен простор за ‘стрижење’ гледаат и фалсификаторите. Иако, во овој бизнис се вртат големи пари, и прилично големи институции …

На пример, претходниот месец, швајцарско-либанскиот бизнисмен, Абдала Чатила, плати околу 50.000 евра на минхенска аукција за цилиндар што се смета дека го носел Хитлер. Оваа шапка, заедно со други нацистички предмети/сувернири (меѓу кои и специјално издание на „Мојата борба“, со сребрен опков, купено за 130.000 евра), Чатила ја подари на израелска фондација:

„Не сакав овие предмети да паднат во погрешни раце и да бидат употребени од луѓе со нечесни намери“, се зборови на бизнисменот, кој беше пофален од израелскиот меморијален центар на жртвите во Холокаустот, Јад Вашем, од каде најавија дека ќе ја изложат шапката.

За која, пак, нема нема докази дека воопшто има некаква врска со Хитлер. Според постојната документација, постоел цилиндар што му припаѓал на Хитлер, а истиот бил вандализиран и земен како сувернир во Минхен во 1945 од американски војник Евреин. Но, наспроти очекувањата, шапката продадена на аукцијата со некаков хитлеров монограм, е во извонредна состојба.

„Нема никакви докази дека цилиндарот некогаш бил на Хитлер“, вели и Барт Ф.М. Дроог, издавач на Droog Magazine, што ја истражува трговијата со нацистички предмети.

Претходно месецов, и Музејот на Холокаустот во Буенос Аирес, заврши процес на проширување, а сега поседува и десетици предмети – нацистички сувенири. За овие предмети што биле запленети од страна на полицијата во рација кај шверцер, германски историчар на уметноста тврди дека се „неавтентични“, и оти се работи за парчиња кои биле „украсени“ со нацистички симболи одвај последниве години (следејќи ја, нели, горе споменатата побарувачка).

„Иако, истата (побарувачка) можеби има повеќе врска со медиумското покривање на феноменот, отколку со реалната големина на односниот пазар“, смета оптимистички Кристијан Фурмеистер од Централниот институт за историја на уметноста (Zentralinstitut für Kunstgeschichte) од Минхен.

Но, честото појавување на фалсификати, сепак, најверојатно зборува за зголемена побарувачка. А води и до други консеквенции.

Кога веста за богатото аргентинско наоѓалиште – тајна соба во куќа близу Буенос Аирес – се појави во 2017, големи весници, како „Гардијан“ и лондонски „Тајмс“, напишаа дека откривањето на предметите зад лажен ѕид претпоставува постоење на тајно/скришно место каде ‘збиено’ се криеле Јозеф Менгеле и други нацисти. Но …

И додека во меѓувреме во Јад Вашем имаат намера да го изложат цилиндарот на Хитлер, што може да охрабри други слични музеи на истата практика (да изложуваат нацистички меморабилии), со право некои се прашуваат чуму ова, односно, каква историска вредност имаат ваквите предмети, макар биле и автентични. Кога споменатата шапка се појави на аукцијата во Минхен, германски рабин побарал да биде изгорена заедно со други предмети асоцирани со Хитлер.

Фурмеистер, пак, смета дека ваквите предмети треба внимателно да се чуваат:

„Нема начин да се негира дека (нацистичкото минато) постоело. Многу поопасно е да се избрише минатото. Ако нема предмет(и), ќе нема ниту дебата, ниту дискурс, ниту ќе можеме нешто да научиме“.

Со ова се сложува и Чатила, кој кога ги подари предметите на израелската фондација, изјави: „Тие (Евреите) најмногу пострадале од Хитлер (…) и сега тие ќе одлучат што ќе прават со овие предмети. Мислам дека е важно да бидат зачувани, за да можат идните поколенија да видат оти Хитлер навистина постоел“.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here