На претходната, 2019-та година, не ѝ недостигаше интересност кога е во прашање пазарот за уметност, а во тукушто почната 2020-та се очекува да продолжат промените – ‘откривањето’ нови ‘ризници’ и други поводи за пренасочување на колекционерското/инвеститорското расположение за купување, од претходно исцрпените колекционерски ‘моди’.

Од Artnet News направиле неколку предвидувања за тоа што битно ќе се случува во светот на уметноста годинава, консултирајќи за целта колумнисти на овој „прв арт бизнис што отишол онлјан“ (Artnet е основан во 1989 како база на податоци за цените на пазарот на уметноста).

А ние ги пренесуваме двете (‘предвидувања’) што имаат некакво, директно или индиректно, значење и во овој дел на светот.

„Noir“ (2018), Amoako Boafo

Првото предвидување е поврзано со влијанието и врз пазарот за уметност на пораснатата свесност за итноста со која треба да се реагира во однос на климатските промени. Имено, во ерата на она што маркетиншкиот аналитичар и професор на бизнис школата „Стерн“ на Њујоршкиот универзитет, Скот Галовеј, го нарече „Будење како бизнис стратегија“, продавниците на Walmart престанаа да продаваат муниција, а Kering (групацијата што ги поседува Gucci, Balenciaga, Yves Saint Laurent …) одлучи да плаќа 100-отстотни компензации за јаглеродните емисии што моментално не може да ги елиминира во процесите на производство.

И на пазарот за уметност, „Будењето како бизнис стратегија“ подразбира придонес во борбата со тековните проблеми поврзани со климатските промени; па така саемот Art Basel веќе направи компензации за јаглеродните отпечатоци на секој од вработените кои патуваа кон Мајами, за надворешните консултанти, за поканетите новинари и говорници, на своето издание во најпознатиот град на Флорида (2019). (под воспоставување јаглеродна неутралност со компензација, се подразбира дека, на пример – во случајов Art Basel, ќе инвестира во проекти за засадување дрва и заштита на шуми, или во програми за обновлива енергија) Во декември, пак, и од Christie’s најавија дека ќе го редуцираат бројот на страниците во физичките каталози и другите печатени материјали за 50% во 2020 …

„Postpartum Plumb Line“ (2018), Loie Hollowell

И иако климатските активисти оценуваат дека компензациите (како таа на Kering) се само лепење ‘ханзапласт’ на проблемот, зашто „(компензациите) се поевтини од што замислувате“; се очекува дека зголемената свесност ќе направи играчите на пазарот за уметност, ако ништо друго, да се потрудат околу јаглеродната неутралност поради нејзината маркетиншка (брендирачка) вредност во однос на привлекувањето нови муштерии.

Второто предвидување на artnet News што ќе го пренесеме, е дека „барем седум уметници на возраст под 40 години ќе продадат свое дело за повеќе од милион долари, на аукции во првата половина од 2020“.

„The Mirror“ (2019), Julie Curtiss

Според консултираните познавачи на пазарот, некои од најсилните ветришта на истиот го свртуваат вниманието од потценетите/недоволно истражените уметници (правци, каузи …), кон потенцијалните ѕвезди во подем. Како пример го наведуваат интересот изразен во шестоцифрени суми во долари, за дела на африканската фигуративна сликарска сензација, Амоако Боафо, во Мајами на крајот од 2019; и аукциските цени за сработеното од Лои Холовел, Џули Кртис, Шабалала Селф, млади уметници од кои секој имаше дело за кое аукцискиот чекан чукна на над 1,5 милиони долари во 2019.

Од artnet News веројатно наведуваат конкретна бројка (седум) во предвидувањето, за да покажат компетенција и во однос на препознавањето на конкретните уметници (кои не ги наведуваат) со кои ќе продолжи споменатата низа, но јасно е дека ако ова се покаже како тренд, од него ќе се ‘опарат’ уште куп други млади артисти.

„Red Dog“ (2019), Tschabalala Self

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here