Од почетокот на минатиот век – поточно откако Стокхолм бил домаќин на Олимписките игри во 1912, воспоставена е традицијата градовите организатори да нарачуваат изработка на постери од уметници, во пресрет на најголемиот светски спортски настан што се одржува еднаш на четири години. А дека олимписките постери се предизвик и за славни уметници, докажуваат односните ангажмани на еден Роберт Раушенберг (Лос Анџелес, 1984), на пример, или на Дејвид Хокни (Минхен, 1972).

Деновиве и Организацискиот комитет на Олимписките и Параолимписките игри што годинава ќе се одржат во Токио (олимписките од 24 јули до 9 август, а параолимписките од 25 август до 6 септември) претстави 20 официјални постери – некои потпишани од, односно со, битни имиња.

Меѓу кои и она на добитникот на престижната Тарнерова награда (во 1998), Крис Офили (кој изработи постер и за Олимписките игри во Лондон, 2012); на холандската фотографка Вивиен Сасен; на дизајнерот на логото на претстојните токиски летни олимписки игри, Асао Токоло (тој и со својот постер упатува на логото) …

На постерите е избегната традиционалната олимписка иконографија и алузиите/стилизациите на медалите, факелите – ретки се и олимпискита кругови; а наместо тоа, тука се културните референци на ‘земјата на изгрејсонцето’, како мангата, калиграфијата, „Големиот бран кај Канагава“ на Хокусај …

Некои од дваесетте постери (од кои 12 се посветени на Олимписките, а 8 на Параолимписките игри) погледнете во галеријата во продолжение, а ако сакате да ги видите сите, следете го горниот линк

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here