Во муабет снимен токму пред „Златните глобуси“, а објавен ден потоа на подкастот на комичарот Марк Марон (WTF with Marc Maron), големите филмски ѕвезди, Бред Пит и Леонардо ди Каприо, приоритет ѝ даваат на ликовната уметност – зборувајќи и за нивните импресивни колекции, но и за скулпторските обиди на Пит; пред конверзацијата да ја свртат кон филмот (и двајцата беа номинирани за „Златен глобус“ за нивните улоги во „Once Upon a Time… in Hollywood“ – Бред и ја доби наградата).

Самото запознавање на домаќинот Марон со Бред Пит било во ‘уметнички контекст’, во присуство на Томас Хаусаго, британскиот скулптор со калифорниска адреса, чие ателје на актерот му било како резервен дом додека поминувал низ големата џева што го следеше неговиот развод со Анџелина Џоли.

На прашањето дали ја сака апстрактната уметност, Пит одговара: „Сакам многу од уметноста. Како и мојов човек овде“, посочувајќи на Ди Каприо, кој се надоврзува со муабет за она што го научил за уметноста од татко му, Џорџ Ди Каприо – човекот со значаен придонес за андерграунд стрипот.

Леонардо раскажува дека пораснал по продавниците за стрипови во родниот му Лос Анџелес, следејќи го татко му, кој им ги продавал делата на Роберт Вилијамс (основачот и на Juxtapoz) и Роберт Крамб, на локалните продавачи.

„Речиси секој викенд се развозувавме до продавниците за стрипови, продавајќи постери од Duran Duran и „The Fabulous Furry Freak Brothers“ (стрипот на Гилберт Шелтон) (…) пораснав дружејќи се со сите тие андерграунд уметници“.

За делата на Роберт Крамб во неговата колекција, Ди Каприо вели: „Успеав да дојдам до неколку, за среќа. Тој е лик од андерграунд уметничката сцена, кој го нападна пазарот, и всушност стана … ма, знаете.“

Денес Ди Каприо е битен колекционер на уметност, кој поседува ризница дела од уметници како Френк Стела, Такаши Мураками, Жан-Мишел Баскијат, Ед Рушеј.

Кога дискусијата се свртува кон нивните колекционерски ‘табиети’, Бред Пит забележува дека „зборот ‘колекција’ му пречи“, зашто звучи премногу формално.

Со сугестијата од домаќинот Марон, дека (за Пит) купувањето уметност не е инвестиција во финансиска смисла, актерот безрезервно се сложува:

„Се работи за одредени нешта што ме ‘возат’, и сакам да бидат околу мене секојдневно … можеби ќе ги инспирираат и моите деца.“

Како и да е, Бред поседува импресивна збирка дела од уметници од форматот на Ричард Сера, Марсел Ѕама, Бенкси … Пријателството со Хаусаго направило да открие скулптор и во себе, па од неодамна (Пит) има и свое ателје во Лос Анџелес, каде неколкупати му гостувал и Леонардо, за некои „братски керамички сесии“.

„Она што го правиме (во глумата) е толку колаборативен спорт … а да правиш нешто во кое си само ти, многу осамен, тоа го доживувам како многу медитативно“, се зборови на скулпторот Пит.

Целата епизода од „WTF with Marc Maron“ можете да ја слушнете овде

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here